Активности

Вторник, 10 март 2020

Обраќање на претседателот Џафери по повод промоцијата на книгата „Базичното антисемитско законодавство на Царството Бугарија“

Почитуван директор на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, г. Скендер Асани, 
Почитуван директор на Агенцијата за примена на Законот за јазикот, г. Илбер Села, 
Почитувани екселенции, амбасадори и заменик-амбасадори,
Универзитетски претставници и претставници од Францускиот институт, 
Познавачи на прашањето на холокаустот, 
Почитувана г-ѓа Демјаха, 
Дами и господа,

Задоволство ми е што сум во можност да во својство на претседател на Собранието на Република Северна Македонија и од име на Собранието се обратам пред вас и со кратко поздравно обраќање ја изразам мојата почит кон оваа публикација, односно збирката документи собрани под еден наслов „Базичното антисемитско законодавство на Царството Бугарија“, од почитуваните автори Скендер Асани, Нора Малиќи и Владо Поповски. Меѓутоа, најпрво, да искажам искрени честитки за неуморната работа на директорот на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, г. Скендер Асани и неговите соработници во оваа книга, за ценетиот придонес што го даваат во насока на вадењето на виделина на уште еден поинаков аспект, толку значен за човештвото и светогледот во однос на хуманоста и меѓучовечката солидарност, во рамките на овој толку трогателен и ужасен настан за сите припадници на еврејската заедница, конкретно во оваа збирка, на евреите од Македонија, кои на 11 март 1943 година, точно 7144 Евреи од Скопскиот Монопол, беа депортирани и егзекутирани  во злогласниот логор на смртта во Треблинка. Почитувани, војната е чудовиште кое го вади од луѓето најлошото, дури и од оние кои во еден нормален живот не пројавувале нечовечки карактеристики кај себе, меѓутоа војната некако успева да им ја замагли потсвеста, да го перципираат како неопходно и можеби како оправдано едно такво ужасно однесување кон човечките суштества, само и само затоа што припаѓаат на некоја друга етничка припадност, или затоа што така му наложил болниот ум на некој што се претпоставува да биде водач, лидер на масите. Меѓутоа, како што спомнав и погоре, во оваа збирка се прикажува еден друг лик на војната, еден народ кој не се нурнува во матните води на војната и кој што успева да го сочува човечкото во себе, и со жртвување на безбедноста на сопствениот живот, на безбедноста на своето блиско семејство, спасувајќи на овој начин од егзекуција голем број на Евреи од Скопје. Всушност, ја формирале „Албанската врска“ која фактички била мрежа на луѓе, Албанци од Скопје, Косово, Албанија, кои го правеле невозможното за да ги кријат, засолнуваат и префрлат Евреите од зоните зафатени со геноцидот, во Албанија. И, иако и Албанија била под нацистичка окупација, третманот на Евреите таму бил поинаков, всушност, бил разумен, поаѓајќи од најобичните луѓе, па се до високите владини претставници и полициски службеници.

Дами и господа,

Токму тоа е тој не толку познат аспект во јавноста, и токму ова е значајната работа што ја прави Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, да ги извади на видело човечкото и солидарноста меѓу луѓето од различна етничка, верска, културна припадност, всушност, на народите во светот, затоа што тоа што не обединува сите и што е заедничко за сите е тоа што сите сме човечки битија со исти чувства и желби за среќен живот, во мир и благосостојба, за нашите деца, за семејствата и за целото човештво. Се надевам дека бројките што во оваа книга портретираат вистински луѓе, конкретни случки со име и презиме, ќе бидат лекција дека не се работи само за сувопарни бројки, туку се работи за човечки суштества кои го проживеале ужасот на холокаустот. Нека биде лекција за сите, нека биде потсетник за сите да не се повтори никогаш, дека човечкиот живот е над сите, иако секојдневните горки вести не го потврдуваат тоа.

Почитувани, ви честитам за книгата, посакувам да ја имаат во рака што повеќе читатели, истражувачи и високи претставници кои донесуваат државнички одлуки, да размислат двапати пред да делуваат.

Благодарам на вниманието! 

Click