Петок, 15 ноември 2019 година, Брисел
Пратенички на семинар за социјални медиуми во Европскиот парламент
Пратеничките од Собранието на Република Северна Македонија, Владанка Авировиќ и Слаѓана Митовска, учествуваа на семинар за социјални медиуми за парламентарки во Европскиот парламент, на 13 и 14 ноември 2019 година во Брисел, Кралството Белгија.
Пратеничките на семинарот остварија билатерални средби, на кои разговараа и разменија искуства со: Андреас Шидер, европратеник од Република Австрија и претседател на Европскиот парламент за стабилизација и придружување на Република Северна Македонија кон Европската Унија и Гвендолин Делбос-Корфилд, заменик-претседателка на Комисијата за правата на жените и родова еднаквост и сензитивност во Европскиот парламент.
Главни теми на семинарот и на неформалните средби беа: улогата на Европскиот парламент и неговото место во институционалната рамка во Европската Унија во доменот на социјалните медиуми, улогата на Европската комисија во доменот на социјалните медуми, активностите на Европскиот парламент во областа на демократијата и заштита на човековите права, Европскиот парламент и делегациите за односи со парламентите од Западен Балкан, резолуциите изготвени од Европскиот парламент за Република Северна Македонија и Република Црна Гора, и други теми.
Целта на семинарот беше да се споделат искуствата на Европскиот парламент, Република Северна Македонија и Република Црна Гора во доменот на социјалните медиуми.