Активности

Понеделник, 20 јануари 2020

Пратеничките Хадри и Шуманска-Митева учествуваа на дводневна Конференција на КОСАП во Тирана

Делегација на Собранието на Република Северна Македонија, во состав Шпреса Хадри и Славица Шуманска-Митева, членки на Комисијата за европски прашања, учествуваа на дводневна Конференција на парламентарните комисии за европски интеграции/прашања на државите опфатени во Процесот за стабилизација и асоцијација, која се одржа во Тирана, Албанија.

Конференцијата ја отвори претседателот на Собранието на Република Албанија, Грамоз Ручи, кој во неговиот поздравен говор истакна дека Берлинскиот процес којшто започна сто години по завршување на Првата светска војна е добра можност која им се даде на нашите земји, со поддршка на Европската Унија да се движат, комуницираат и да конкурираат меѓу себе. Тој додаде дека „со цел да изградиме мировен, продуктивен и конкурентен регион, овој процес нашите издржливи извори и богатства ги претвора во благосостојба за граѓаните“.

Поздавни говори имаа и Рудина Хајдари, претседателка на Комисијата за европски интеграции; Мајлинда Брегу, генерална секретарка на Советот за регионална соработка; Луиџи Сорека, амбасадор на ЕУ во Албанија и Таулант Бала, копретседател на Парламентарниот комитет за сабилизација и асоцијација ЕУ - Албанија.

На првата сесија на тема „Улогата и надлежноста на Парламентот во Берлинскиот процес со фокус на мобилноста на младите и признавањето на дипломите" се обрати пратеничката Славица Шуманска-Митева, која истакна дека во нашата држава активно се работи на зајакнување на волонтерството, младинските политики, недискриминација, солидарност и етика во сите активности кои се однесуваат на младите коишто верува дека уште повеќе ќе се гарантираат и зајакнат со новиот Закон за млади којшто се донесе пред неколку дека.

Таа додаде дека пратениците треба повеќе да инсистираат за да се донесат повеќе решенија кои ќе овозможат побрз и полесен пристап на младите во образовниот систем, полесен начин на признавање на дипломите и зголемување на нивниот животен стандард преку создавање на поповолни услови во општеството.

На втората сесија на тема „Улогата и надлежноста на Парламентот во Берлинскиот процес со фокус на меѓусебната поврзаност и транспортот" се обрати пратеничката Шпреса Хадри, која, меѓу другото, истакна дека бидејќи Берлинскиот процес не е замена за членството во ЕУ туку иницијатива и поддршка за да се докаже дека земјите од Западен Балкан посветено работат во насока на европската интеграција, верува дека оваа поддршка ќе продолжи да се зајакнува и како земји од Западен Балкан нема да ги разочараме нашите европски пријатели, но, и тие, по исполнување на сите услови, на крај, ќе ги отворат вратите за нас во големото европско семејство, таму каде што припаѓаме.

На крај, пратеничката Хадри додаде дека нашите земји треба да продолжат со реформите за да овозможиме просперитет за нашите граѓани, да имаме реформи во судството, рамноправен третман на сите судски процеси, да ја зајакнеме борбата против корупцијата и да продолжиме со реформите во јавната администрација.