Активности

Четврток, 16 јануари 2020

Разгледан Предлог-законот за изменување на Законот за управување со отпадот

Комисијата за транспорт, врски и екологија на денешната 56. седница, како матично работно тело, по скратена постапка, го разгледа Предлогот на законот за изменување на Законот за управување со отпадот, поднесен од пратеничките Маја Морачанин и Лилјана Поповска.

На седницата на Комисијата, во својство на претставник на предлагачите на Предлог-законот, присуствуваше пратеничката Маја Морачанин, која даде образложение, ја нагласи потребата за донесување на измените на законот, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со него.

Претседателката на Комисијата, Лилјана Затуроска, ги извести пратениците дека во рокот утврден со Деловникот на Собранието, не се поднесени амандмани на Предлог-законот.

Во дискусијата учествуваа пратениците Лилјана Затуроска, Лилјана Поповска и Костадин Ацевски.

Пратеничката Затуроска го истакна ставот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата дека предложените измени ќе бидат поддржани.

Од своја страна, пратеничката Поповска нагласи дека според Меѓународните мерки постои дозволен влез на отпадот, но само под контрола на институциите.

Пратеникот Ацевски, поддржувајќи ја потребата за донесување на измените на Предлог законот, исто така нагласи дека е потребно што побрзо да се зајакне контролата во насока таа да биде поефикасна.   На крајот, Комисијата го проследи овој Предлог-закон на натамошна постапка во Собранието.