Активности

Вторник, 14 јануари 2020

Разгледана Информацијата за енормното загадување на амбиентниот воздух

Комисијата за транспорт, врски и екологија на денешната 55. Седница, како матично работно тело, ја разгледа Информацијата за енормното загадување на амбиентниот воздух во Република Македонија; Поднесена од пратениците: Драган Данев, Никола Мицевски, Зоран Илиоски, Горан Манојлоски, Трајчо Димков, Никоила Поповски, Драган Цуклев, Ѓоко Камчев, Иван Иванов, Благица Ласовска, Лилјана Затуроска, Слаѓана Митовска, Ане Лашкоска, Димитар Стевананџија, Благоја Деспотоски и Павлинче Честојнова.

На седницата на Комисијата, во својство на претставник на поднесувачите на Информацијата за енормното загадување, пратеникот Драган Данев ја образложи потребата од разгледување на истата.

Покрај него, во дискусијата учествуваа и пратениците: Лилјана Поповска, Костадин Ацевски, Благоја Деспотоски и Диме Велковски.

Пратеничката Поповска истакна дека кај граѓаните има повисока свест, за разлика од свеста на пратениците. На став е дека дека проблемот се решава со сериозни планови и инвестирање во нив. Укажа и на тоа дека најголемото загадување е од индустријата која ги заобиколува законите, а здравиот воздух и животната средина се најбитни.

Пратеникот Данев го окарактеризира аерозагадувањето како светски тренд, а нема стручна и конкретна мерка која Владата ја презема за да се спречи истото. Имаше забелешки во насока на тоа дека проблемот не е во законите за животната средина, туку во нивната имплементација. На крајот се согласи дека главен проблем се индустриските капацитети и загревањето во текот на зимите.

Од своја страна, пратеникот Ацевски рече дека во предложената Информација недостасуваат конкретни заклучоци и мерки, како и споредбени анализи во годините наназад. Нагласи дека Комисијата за транспорт, врски и екологија одржа Јавна расправа на која беа донесени и изгласани Заклучоци. Се послужи со Анализа спроведена во Град Скопје, каде што бројот на деновите со висока загаденост и бројот на ветровити денови во 2019 година е намален.

Како поранешен градоначалник на Кичево, истакнувајќи дека тоа е најзагадениот град, пратеникот Деспотоски причината ја лоцираше во зголеменото сечење на дрвата, но проблемот е и во загревањето на домаќинствата. Констатираше дека се потребни ангажирања на експерти и голема ангажираност на градоначалниците.

Пратеникот Диме Велковски истакна дека не е точно дека ништо не се презема за подобрување на амбиентниот воздух, а дискутираше и по однос на Заклучоците од Јавната расправа, во насока дека по голем дел од нив веќе се постапува.

После дискусијата беше констатирано дека Комисијата за транспорт, врски и екологија ја разгледа Информацијата за енормното загадување на амбиентниот воздух.