Активности

Вторник, 5 ноември 2019 година

Сасоли: Недобивањето датум не е историска грешка, туку историски застој

Координаторите на Пратеничките групи и претставници од други политички партии од Собранието, остварија средба со Давид Мариа Сасоли, претседател на Европскиот парламент, која ја водеше претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Во своето воведно обраќање, претседателот Сасоли истакна дека е дојден да го слушне мислењето на политичките групи по разочарувањето откако сите очекувале отворање на пристапниот процес на последниот европски совет. Тој соопшти дека заедно со претседателите на Европскиот совет и Европската комисија, Доналд Туск и Жан-Клод Јункер, испратиле заедничко писмо до претседателите и премиерите на државите, да ја разгледаат оваа одлука.

„Ова не е историска грешка, туку историски застој“, беше дециден Сасоли, со оглед на тоа што Советот не рече „не“, туку само го одложи давањето датум. Исто така, тој информираше дека трите земји кои не дадоа „зелено светло“, веќе ја преразгледуваат одлуката. Тој упати апел дека не треба да се запре, туку мора да се има доверба и датумот ќе се добие само ако се продолжи по патот кој е започнат.

Координаторот на Пратеничката група на СДСМ и Коалицијата, Јован Митрески, изрази жалење за одлуката на Советот, затоа што очекувањата за добивање датум биле оправдани по исполнувањето на сите забелешки од Европската комисија. И покрај ваквата одллука, како парламентарно мнозинство остануваат посветени на ЕУ и НАТО, подготвени и за построг надзор, затоа што на тој начин побрзо ќе се почувствуваат европските вредности.

Лилјана Затуроска, заменик-координаторка на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, изрази разочарување од недобивањето датум, со оглед на тоа што постигнатите реформи давале позитивен сигнал. Токму ова носи тежок период во насока да се разубедат граѓаните дека ЕУ не е скептична за проширувањето. 

Координаторот на Пратеничката група на  ДУИ, Ејуп Аљими, истакна дека нашето општество припаѓа на европското општество и изрази надеж за преиспитување на одлуката на Советот. Нашата земја ја сочинуваат повеќе заедници и подобра кохезија не може да има за евроатлантска интеграција, рече Аљими.

„Разочарувањето беше големо, но надежите се уште поголеми“ - истакна Емилија Александрова, како координаторка на Независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата. Како пратеници, продолжи таа, имаме задача да ги донесеме реформите, не само поради европскиот пат, туку европските вредности да им ги донесеме на нашите граѓани.

Претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, истакна дека оваа посета на првиот човек на Европарламентот е добар знак за неговиот став кон нашата држава, за вродување надеж и закрепнување од зададениот удар. „Ако ова ‘не’ се слуша и во наредните децении, ќе биде големо разочарување. Нас ни треба едно големо ‘ДА’, не за целосен датум, туку за започнување на преговорите, а ние треба да го дадеме максимумот за да дојдеме до овие две големи букви“, заврши Гаши.

Претставничката на Алијансата за Албанците, Арта Точи, подвлече дека единствената алтернатива за земјата е ЕУ. Разочарувањето од недобивањето датум во октомври, може да роди страв од можност за појава на нови структури и други правци на движење. Не е доволна само надворешната политика, туку мора да има реформи и внатре, во образованието, во правниот систем.

Разочарување од недобивањето датум искажа и пратеничката од ДПА, Мераил Узеири-Ферати, затоа што се губат надежите за перспектива, се создава можност за потенцијални конфликти во регионот и заминување на младите. Затоа е неопходно да се преиспита одлуката, да се започне процесот и да се врати надежта.

Панчо Минов, како независен пратеник од ГРОМ, рече дека не е разочаран од недобивањето датум, затоа што реакциите на меѓународната заедница говорат дека тоа ќе се случи наскоро. Тој ги спомена Договорите со Грција и Бугарија, како исполнет политички услов за евроинтегрирање и ваквото неоправдано добивање датум, го доведува до прашање нивното исполнување.

И претставничката на Движењето Беса, Теута Биљали, се согласи дека стратешка определба на земјата се ЕУ и НАТО и тие како партија се секогаш „за“ големото европско семејство. Во однос на недобивањето датум, таа истакна дека тоа не треба да претставува демотивирање, туку интензивирање на реформите.

Во завршното обраќање, претседателот на европскиот законодавен дом, изрази задоволство што и покрај заедничкото разочарување, од дискусиите добил добра доза оптимизам и потврда за заеднички став од различни политички партии. Наведе две работи кои се неопходни, и тоа: прво, да се продолжи со патот кон ЕУ за Европскиот совет да го разгледа досието за нашата земја што поскоро, и второ – политичките сили да ги продолжат реформите. Тој е убеден дека со влегувањето на Западен Балкан во европското семејство, ќе се дефинира една историска фаза на интегрирање, затоа што нема да има силна Европска Унија, ако не се дефинира просторот на Европа. 

Click