Активности

Петок, 8 ноември 2019 година

Состанок на Советодавниот комитет на Програмата за парламентарна поддршка

Денеска во Собранието на Република Северна Македонија се одржа Првата работна средба на Советодавниот комитет на Програмата за парламентарна поддршка, на која покрај претседателот Талат Џафери, присуствуваа и потпретседателот Горан Мисовски; генералната секретарка Цветанка Иванова; Н.Е. Сибил Сутер Техада, амбасадорка на Швајцарија во Северна Македонија; Н.Е. Кристин Форгстин Бентсон, амбасадорка на Шведска во Северна Македонија; д-р Кристоф Ланц, поранешен генерален секретар на Федералното собрание на Швајцарија; г. Александар Фузереси, раководител на парламентарната техничка соработка на ФС на Швајцарија; г. Антеро Хабихт, заменик-генерален секретар на естонскиот Риигикогу и претставници на тимот на НДИ предводени од директорот Крис Хеншоу.

Програмата за парламентарна поддршка е 10-годишен проект поддржан од Швајцарија со цел подобрување на институционалната доверба меѓу јавноста преку застапување на интересите и потребите на граѓаните и преку дебата и одлуки до кои ќе се доаѓа на поинклузивен и консензуален начин, а ја спроведува Националниот демократски институт (НДИ) во Северна Македонија, во партнерство со Центарот за управување со промени, Институтот за демократија „Социетас цивилис“. Во однос на експертизата, овој проект црпи искуства од швајцарското Федерално собрание, естонскиот Риикикогу, Европскиот парламент, германскиот Бундестаг, МанаБлас.лв од Летонија.

На денешната прва средба на Советодавниот комитет се разви богата дискусија на следните предвидени теми:- независност на Собранието, односно независна служба, финансирање и обезбедување на Собранието, потоа на тема: - отвореност и дигитализација на Собранието со подобрување на комуникациските и информациските системи, подобрување на транспарентноста и отчетноста преку технички капацитети и зајакнување на отворените податоци преку надградба на веб страната и системот е-парламент и последната тема беше: - раководење на човечки ресурси во поглед на нова систематизација, активности за јакнење на капацитетите за високо функционална собраниска служба и можностите за натамошно образование и обуки.

Во својот вовед претседателот Џафери го искажа своето задоволство за овој иницијален состанок помеѓу, како што ги нарече „искрени пријатели и неуморни поддржувачи на патот на развојот на институцијата, дијалогот за јавни политики во институцијата, неговата надзорна и законодавна функција, транспарентноста и отчетноста на Собранието пред сопствените граѓани.“ Тој исто така истакна дека „... потребно е да се има искрена волја, цел, алатки и вистински партнери до нас, за заедно да ги направиме потребните чекори кон реализацијата на трите стратешки и реформски цели на Собранието и дека на првиот чекор односно заедничкиот состанок на сите чинители кои би го овозможиле овој процес, беше добиена широка поддршка од сите. Претседателот Џафери исто така рече дека „Тоа што сме во предизборна фаза не менува ништо затоа што во едно сме сите согласни, а тоа е дека целите што сме ги зацртале, иницијативите што ги преземаме, и проектите што ги спроведуваме секако не се врзани со нашиот мандат како политичка структура, т.е. тоа се вредности кои сакаме да ги вградиме во нашиот парламентарен систем, и тоа е инвестиција во подобро, пофункционално и целосно независно Собрание... и во исто време тоа ќе значи придонес во градењето на стабилна и силна држава со функционални институции кои носат огромна одговорност пред предизвикот кој изискува зрелост и мудрост“.

Експертите од различните парламенти дадоа краток осврт на патот што тие го изоделе до стекнувањето на независноста на нивните законодавни домови и притоа сите присутни се согласија дека секој придонес во подобрувањето на функционалноста на Собранието е придонес кон демократизацијата на институцијата и е чекор поблиску до европска Република Северна Македонија.