Активности

Четврток, 9 јануари 2020 година

Средба на претседателот Џафери со амбасадорот на Република Турција Н.Е. Хасан Мехмет Секизќок

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, денеска оствари средба со новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Турција во Северна Македонија, Н.Е. Хасан Мехмет Секизќок. 

Претседателот Џафери му посака на амбасадорот успех во извршувањето на одговорната дипломатската мисија и изрази задоволство од високото ниво на билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Република Турција, а особено од плодната соработка меѓу двете собранија. Истакнувајќи го значењето на парламентарната дипломатија, претседателот Џафери ја нагласи меѓусебната поддршка во рамките на меѓународните собранија, а особено во Парламентарните собранија на НАТО и на Процесот на соработка во Југоисточна Европа. Како многу значајна ја оцени и соработката на двете земји во полето на одбраната, нагласувајќи дека наши војници се дел од турскиот контингент во мисијата на НАТО „Одлучна поддршка“ во Авганистан. Истовремено, тој се заблагодари на брзата ратификација на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО од страна на Големото национално собрание на Република Турција.

Претседателот го информираше амбасадорот дека во собраниска процедура е  Предлог законот за правата на заедниците кои се помалку од 20% од населението во Република Северна Македонија и кој има за цел подобрување на имплементацијата на правата и употребата на јазиците на заедниците, меѓу кои и на турската заедница во земјава.

Амбасадорот на Република Турција во Република Северна Македонија, Н.Е. Хасан Мехмет Секизќок истакна дека Турција ја гледа Северна Македонија како важен и ценет партнер, а историските и културни врски уште повеќе ги зближуваат двете земји. Тој истакна дека турската заедница во Република Северна Македонија, која дава значаен придонес во успешниот мултиетнички живот придонесува во голема мера во продлабочувањето на меѓусебните односи. Тој се заложи за унапредување на взаемната економска соработка, нагласувајќи дека постои потенцијал за поголеми вложувања на турските компании во Северна Македонија имајќи ја предвид договорната состојба со повеќе од 100 билатерални спогодби што опфаќаат бројни полиња на заеднички интерес.

Соговорниците се согласија дека континуитетот и продлабочувањето на одличната соработка меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Големото национално Собрание на Република Турција, во голема мера можат да придонесат за унапредување на севкупните билатерални односи и пријателство меѓу двете земји.

Click