Активности

Вторник, 5 ноември 2019 година

Средба на претседателот Џафери со претседателот на Европскиот парламент Сасоли

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери, оствари средба со претседателот на Европскиот парламент, г. Давид Мариа Сасоли, кој по преземањето на функцијата, првата посета надвор од Европската Унија ја остварува токму во Република Северна Македонија. 

Претседателот Џафери изрази благодарност до г. Сасоли за писмото кое заедно со сите највисоките функционери на Европската Унија го упатија пред одржувањето на состанокот на Европскиот совет, во кое беше побарано доделување на датум за преговори на Северна Македонија и Албанија и нагласено дека, одлуката ќе биде тест за способноста на Унијата да ги исполни ветувањата и да гледа кон иднината.

Претседателот Џафери се заблагодари и за поддршката од Европскиот парламент која дојде во форма на Резолуција за започнување на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија, во која се нагласува дека одлуката од последниот самит е стратешка грешка, штетна за кредибилитетот на ЕУ и испраќа негативен сигнал до земјите кандидати во врска со добрососедските односи, како и дека отвора врата за други влијанија во регионот.

Тој истакна дека постои големо разочарување по одлуката на Европскиот совет бидејќи, оправдано очекувавме признание за остварените реформи и за сериозните политички одлуки на земјата за исполнување на препораките на ЕУ. Ако причината за недобивањето на датум за преговори е потребата за воспоставување нова методологија за пристапните преговори која процесот ќе го направи поефикасен, тоа е прифатливо за нас, но не е прифатлива алтернатива на процесот на приклучување како привилегирано партнерство или ставање на земјата во категоријата на соседството на ЕУ, нагласи претседателот Џафери. 

Претседателот на Европскиот парламент, Сасоли истакна дека разочараноста на граѓаните на Република Северна Македонија е разочараност и на најголемиот број на земјите членки на Европската Унија, кои се убедени дека земјата е подготвена да го почне пристапниот процес. Тој нагласи дека станува збор за застој бидејќи Европскиот совет не кажа „не“, туку ја одложи одлуката, односно наместо за историска грешка, зборуваме за историски застој. Сасоли истакна дека една можност е изгубена, но ќе биде направено сè да се создаде нова можност. Според него, важно е да се сфатат забелешките кои ги имаа одделни земји и да се работи на нивно надминување. Претседателот на Европскиот парламент изрази уверување дека прашањето за отворањето на преговорите со Република Северна Македонија може пак да се стави на дневен ред, имајќи ја предвид поддршката на голем број земји членки, како и единствениот став на европските институции, но дека во меѓувреме државата треба да продолжи со реформите. На крајот подвлече дека иднината на државата ја гледа во заедничкото европско семејство.