Активности

Четврток, 7 ноември 2019 година

Учество на членови на Комисијата за одбрана и безбедност на Регионална годишна конференција на Парламентарните комисии за одбрана и безбедност на земјите од Југоисточна Европа

На покана на Центарот за безбедносна соработка РАКВИАК (RACVIAC), Комитетот за национална безбедност на Парламентот на Република Албанија и Центарот за управување со безбедносниот сектор, ДЦАФ (Женева), на 5 и 6 ноември 2019 година во Тирана, Република Албанија, членови на Комисијата за одбрана и безбедност учествуваа на Регионална годишна конференција на Парламентарните комисии за одбрана и безбедност на земјите од Југоисточна Европа.

Целта на конференцијата беше да се даде преглед на механизмите и практиките на регионалните парламентарни комисии за одбрана и безбедност, овозможувајќи им на учесниците да разговараат за безбедносните предизвици, парламентарните процедури и механизмите за надзор во областа на одбраната и безбедноста. 

Посебен фокус беше ставен на зголемувањето на важноста на предизвиците во областа на компјутерската безбедност во Југоисточна Европа и пошироко и соодветните добри практики на парламентарниот надзор врз безбедносниот сектор.

Во посетата учествуваа пратениците: Хари Локвенец, претседател на Комисијата за одбрана и безбедност; Емил Димитриев, Џеват Адеми и Реџеп Мемеди, членови на Комисијата. 

Локвенец во своето излагање истакна дека ефективниот парламентарен надзор треба да ја спречи евентуалната злоупотреба, но во ниту еден случај не смее да значи ограничување на функционирањето на институциите кои се грижат за националната и интегрираната НАТО безбедност. Укажа дека политичката волја на парламентарците да употребат средства и механизми што им стојат на располагање претставува важен услов за ефективен парламентарен надзор на безбедносниот сектор.

Истакна дека новите модерни времиња носат нови предизвици кон кои ние како држави треба да се прилагодуваме и поединечно и на регионално и светско ниво. Компјутеската безбедност и борбата со сајбер криминалот стануваат светски приоритет број еден. Нагласи дека од тие причини, зајакнувањето на националните капацитети за справување со сајбер закани и подобрувањето на сајбер безбедноста на национално ниво се од приоритетно значење за нас како држава.

Појасни дека во последните години сајбер заканите се меѓу најзначајните безбедносни закани врз современите општества, заради што тие мора да се третираат како интегрален дел од националната и меѓународната безбедност.

Во продолжение истакна дека Македонската национална стратегија за сајбер безбедност 2018 - 2022 е стратешки документ кој треба да служи како патоказ за развој на сигурно, безбедно, доверливо и отпорно дигитално окружување, поддржано од квалитетни капацитети, кои се базираат на доверба и соработка во полето на сајбер безбедноста. Нагласи дека истата е развиена во согласност со Стратегијата за сајбер безбедност на Европската Унија и Политиката и Заложбата за сајбер безбедност на НАТО.

На крајот, Локвенец нагласи дека меѓународната соработка е еден од клучните сегменти во заложбите за зголемување на капацитетите за справување со заканите во сајбер просторот. Со цел да се обезбеди целосна оперативност на државните институции и надлежните органи одговорни за справување со ризиците и инцидентите во сајбер просторот, потребни се интернационални партнерства на тие институции со други држави и организации.

Click