Активности

Понеделник, 22 јули 2019 година

Учество на пратеничката Шпреса Хадри на Конференција на претседателите на комисиите за европски прашања на државите-членки на Европската унија - КОСАК

Во рамките на Финското претседателство со Европската унија, членот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Северна Македонија, Шпреса Хадри, учествува на  Конференција на претседателите на парламентарните комисии за европски прашања на земјите членки на ЕУ - КОСАК, што се одржува во Хелсинки, Финска на 21 и 22 јули 2019 година.

На Конфернцијата, министерот за европски прашања на Финска, Тути Тапорајнен, ги претстави приоритетите на Финското претседателство со Советот на Европската унија. Во тој контекст, беше потенцирано дека приоритетите на Финското претседателство се зацврстување на заедничките вредности, владеењето на правото, социјалната инклузивност, конкурентноста на ЕУ, понатаму зацврстување на позицијата на ЕУ како глобален лидер, климатските промени и секако проширувањето на Унијата. Финска ќе биде првото претседателство кое ќе ги интегрира новите приоритети од Стратешката агенда 2019-2024 во работата на Советот.

Исто така, на Конференцијата, свое обраќање имаше и Алаин Ламасо, поранешен европратеник и поранешен француски министер, кој се осврна на буџетот за европските политики. Имено, беше истакнато дека целта е избалансирана финансиска рамка која ги одразува новите приоритети, но и традиционалните политики кои придонесуваат за заедничките европски цели.

Во врска со проширувањето, пратеничката Шпреса Хадри, имаше свое излагање во кое го потенцира значењето на процесот на придружување на земјите кандидати за членство во ЕУ, како важен процес за земјите од Западен Балкан, кој е неопходен за стабилност и мир во регионот. Притоа, таа истакна дека придружувањето кон ЕУ е силен мотив и двигател на европските реформи во сите области во регинот. 

Во својот настап, Хадри, посочи дека Финска го презема претседателството на Советот на Европската унија во исклучително важни времиња за земјите-членки на ЕУ, но и за Република Северна Македонија, која очекува оваа година да започне преговори за членство во ЕУ. Таа, нагласи дека Финското претседателство е реална и остварлива можност за да се реализира долгогодишната посакувана цел - да се донесе одлука за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија.

Осврнувајќи се на процесот на проширувањето на Европската унија, пратеничката Хадри, информираше за значајните чекори што ги презеде Република Северна Македонија во изминатиот период, со цел конечно да се деблокира патот кон европската интеграција.

Понатаму, таа истакна дека како земја сме целосно посветени на спроведување на нашите стратешки приоритети, членството во ЕУ и НАТО. 

На маргините на Конференцијата, пратеничката Хадри оствари бројни контакти со свои колеги од националните парламенти, како и неформални средби со министерката за европски прашања на Финска, Тути Тапорајнен, со потпретседателката на Европскиот парламент, Мерид Мегинис, со претседателот на Комисијата за европски прашања на Холандија, Хабо Сиеболд Велдман и со претседателката на Комисијата за европски прашања на Франција, Сабин Тиле. 

Click