Активности

Понеделник, 20 јануари 2020, Загреб

Учество на пратеникот Ејуп Алими во расправа за приоритетите на Хрватското претседателство со ЕУ

Во рамките на учеството на дводневната Конференција на Комисиите за европски прашања на земјите ЕУ членки - КОСАК, што се одржува во Загреб, денеска свое обраќање имаше координаторот на ДУИ и шеф на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија, Ејуп Алими.

Алими учествуваше во расправата во врска со приоритетите на Хрватска за време на нејзиното шестмесечно претседавање со ЕУ, при што му изрази благодарност на хрватскиот премиер Пленковиќ, кој во своето воведно обраќање изрази подготвеност да ги поддржи европските аспирации на земјите од Западен Балкан, во рамките на Хрватското претседателство со Унијата.

Во тој контекст истакна дека Северна Македонија и Албанија ги исполнија  потребните критериуми и дека заслужуваат да добијат датум за почеток на преговорите со Европската Унија, што поскоро, при што ја цитираше и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, дека и двете земји ги исполнија критериумите и дека Унијата треба  да ги отпочне пристапните преговори напролет.

Премиерот Пленковиќ како приоритети на ова претседателство ги посочи и потребата за развој  на Европа, нејзината поврзаност, заштита и влијание.