Активности

Петок, 21 февруари 2020, Виена

Учество на собраниска делегација на Зимската сесија на ПС ОБСЕ

Парламентарното собрание на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ПС на ОБСЕ), ја одржа својата редовна Зимска сесија на 20 и 21 февруари 2019 година во Виена, Австрија, на која учествуваа над 250 парламентарци од 53 земји учеснички и четири земји партнери на ОБСЕ. На оваа сесија учествуваа Владимир Ѓорчев, шеф на Делегацијата; Јагода Шахпаска и Реџаиљ Исмаили, членови на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на Организацијата за безбедност и соработка во Европа.

Во рамките на 19. зимска сесија беа одржани: седница на Постојаниот комитет на ПС на ОБСЕ; одделни седници на Постојаната комисија за демократија, човекови права и хуманитарни прашања на која се дискутираше за мултилатерализмот во акција: меѓународна соработка за човекови права; Постојаната комисија за економски прашања, наука, технологија и животна средина, на која се дискутираше за безбедносните последици од климатските промени и улогата на парламентарците;  Постојаната комисија за политички прашања и безбедност, на која се дискутираше за решавање на долготрајните конфликти: алатки и механизми на ОБСЕ.

Во општата дебатата за борбата против антисемитизмот, дискриминацијата и нетолеранцијата во регионот на ОБСЕ, учествуваше и Јагода Шахпаска, член на Делегацијата, која на почетокот на нејзиниот говор истакна дека оваа тема претставува многу важно прашање во денешно време во рамките на земјите членки на ОБСЕ, која како значајна меѓународна организација вложува големи напори и во борбата против антисемитизмот, дискриминацијата од секаков вид на нетолеранција, во рамките на нејзините заложби за безбедност, мир, човекови права, доверба и сигурност, додавајќи дека е особено значајна во време на одбележувањето на 75-годишнината од ослободувањето на германскиот нацистички концентрационен логор Аушвиц-Биркенау. Потоа, таа подвлече дека одбележувањето на овој ден е пригода да се потсетиме и на сите жртви на холокаустот, меѓу нив и над 7.000 Евреи од Скопје, Битола и Штип, кои во март и април 1943 година беа депортирани и убиени во концентрациониот логор Треблинка. Шахпаска додаде дека оваа голема трагедија е врежана во нашата колективна меморија и не смееме да дозволиме никогаш повеќе да се повтори и да ни се случи вакво нешто. На крајот, заклучи дека нашата заложба за промовирање на демократски вредности, меѓусебно почитување, толеранција и плурализам, мир и соработка меѓу народите, ќе ни овозможи да ја градиме иднината на светот базирана на меѓусебно длабоко разбирање и соработка, подвлекувајќи дека Владата на Република Северна Македонија посветува приоритетно внимание на борбата против дискриминацијата,  говорот на омраза, расизмот, нетолеранцијата и другите форми на кршење на човековите права и има цврста определба на сочувувањето на сеќавањата и вистината за холокаустот.

По завршување на општата дебата, ќе бидат презентирани Извештаите за Мисиите за набљудување на парламентарните избори во 2019 година во Украина, Белорусија и Узбекистан, како и Извештајот за набљудување на парламентарните избори во Азербејџан во февруари 2020 година.