Активности

Четврток, 3 октомври 2019 година, Стразбур

Усвоена резолуцијата за постмониторинг дијалог

Мониторинг комисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа на сесијата одржана доцна попладнето на 2 октомври во Стразбур, ја усвои резолуцијата за постмониторинг дијалогот со Република Северна Македонија, врз основа на извештајот изготвен од Лисе Кристоферсен, пратеничка од Норвешка и Александар Поциј, пратеник од Полска. Во текстот, Комисијата им оддаде признание на властите на Северна Македонија за напредокот постигнат од 2013 година, но одлучи да го продолжи постмониторинг дијалогот и во наредниот период да го оцени напредокот во натамошно консолидирање на функционирањето на демократските институции, зајакнувањето на независноста на судството, борбата против корупцијата, зајакнувањето на изборната рамка и спроведување на инклузивни политики за заштита на правата на малцинствата.

Понатаму во резолуцијата се поздравуваат преземените чекори, по двегодишниот период на политичка транзиција, за нормализирање на состојбата во земјата и за придржување кон стандардите на Советот на Европа, како и извонредното подобрување во односите на Северна Македонија со соседите. Сепак, се наведува во резолуцијата, неодамна донесените закони треба да бидат целосно имплементирани со цел да се зајакне независноста на судството и да се консолидира владеењето на правото.

Во дискусијата која следеше по презентирањето на извештајот и резолуцијата, пратеникот Никола Попоски истакна дека 2020 година во македонски контекст е двојна годишнина, 20 години пост-мониторинг во Советот на Европа и 15 години откако го стекнавме статусот на земја-кандидат во Европската унија. Тој нагласи дека низ годините земјата имаше корист од вредните препораки на Групата на држави против корупцијата, Венецијанската комисија како и извештаите за мисиите за набудување на изборите на Парламентарното собрание. Според Попоски, примената на законите мора да добие приоритет над постојаните измени во домашната регулатива. Воедно, изрази надеж дека ова е последно продолжување на пост-мониторингот, констатирајќи дека тоа главно зависи од политички пресметки. На крајот предложи да се изработи објективна оценка на придонесот од досегашниот процес.

Во своето обраќање Шпреса Хадри ја поздрави заложбата на известувачите да презентираат извештај и нацрт-резолуција после 19 години во пост-мониторинг дијалог и после 6 години од последниот извештај. Таа изрази уверување дека силната посветеност кон спроведување на сите неопходни реформи и тесната соработка со Организацијата во блиска иднина ќе ги убеди известителите г-ѓа Кристоферссен и г. Полициј дека е постигнат напредок во сите посочени области. Нагласувајќи дека целта на реформите е да се воспостават стабилни темели за владеење на правото во интерес на граѓаните на Република Северна Македонија, таа изрази очекување дека напорите на властите, парламентот и луѓето од Северна Македонија ќе бидат препознаени и дека тоа ќе резултира во финализирање на пост-мониторинг дијалогот со нашето Собрание.

Бетиан Китев подвлече дека е остварен успех во надминување на политичката криза, во зајакнувањето на владеењето на правото, како и дека се направени фундаментални промени во инклузивна и отворена политичка атмосфера и се постигнати опипливи резултати. Тој констатираше дека во изминатиот период  Собранието ги подобри своите перформанси како форум за конструктивен политички дијалог и ги зголеми своите надзорни функции. Како шеф на македонската делегација во ПССЕ, тој истакна дека е постигнат забележителен напредок во исполнувањето на обврските согласно Резолуцијата 1213 на парламентарното собрание со која се затвори мониторинг постапката за Северна Македонија во април 2000 година. Изразувајќи очекување после 19 години државата да влезе во фаза на финализирање на пост-мониторинг дијалогот, тој увери дека како владејачка партија се целосно посветени кон исполнување на  обврските. 

На крајот изрази надеж дека Мониторинг комисијата ќе донесе одлука да го процени напредокот во посочените области пред 2022 година и ќе донесе одлука да го затвори пост-мониторинг дијалогот со Република Северна Македонија.

Click