Активности

Четврток, 7 ноември 2019 година

Втор ден од посетата на Делегацијата во ПС на НАТО на Француската Република

Шефот на Делегацијата во Парламентарното собрание на НАТО, Илија Димовски и членот Катерина Кузмановска, како дел од Комитетот за цивилна димензија на одбраната, денеска ја продолжија посетата во Француската Република со високи претставници на Советот на Европа.

Делегацијата имаше можност да размени мислења со г-ѓа Дуња Мијатовиќ, комесар за човекови права на Советот на Европа, која ги информираше пратениците околу загрижувачката состојба со мигрантите на територијата на Република Грција и можноста од ескалација, што ја наметнува потребата од поголема координација меѓу членките и со Европската комисија. На прашањето на пратеникот Илија Димовски за евентуална посета на комесарката на земјата и утврдување на состојбата во делот на слобода на медиумите, таа најави дека планира следната година да ја посети Република Северна Македонија, со цел на утврдување на фактичката состојба на тој план.

На средбата со генералниот секретар на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Војчиек Савицки, беше разговарано за актуелните активности на Собранието, условите за прием на нови или враќањето на одредени земји назад во организацијата. Господин Савицки потенцираше дека владеењето на правото, демократијата и човековите права како постулати на кои почива Советот на Европа и неговите институции мора да бидат почитувани од страна на сите земји-членки.

Членовите имаа можност да присуствуваат на дебатата во рамките на Светскиот форум за демократија организиран од страна на Советот на Европа, на која свои обраќања имаа г-ѓа Хаува Ибрахим, добитник на наградата Сахаров за 2005 година, г. Енрико Лета, поранешен премиер и декан на Париската школа за меѓународни односи, г-ѓа Сибет Нидаје, државен секретар на премиерот и владин портпарол и г. Алексеј Венедиктов, главен уредник на Еко Москва. Учесниците имаа споделени мислења околу напливот на лажните вести од повеќе извори, како и за негативното влијание на социјалните мрежи и интернет пребарувачи во информирањето на јавноста особено кај младите, без уредничка интервенција на објавените информации.