Активности

Четврток, 11 февруари 2021

Информативна средба на претседателот Џафери за Националната развојна стратегија 2021- 2041

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денес оствари средба со заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, со амбасадорката на Обединетото Кралство, Н.Е. Рејчел Галовеј, со постојаната претставничка на ОН, Росана Дуџак и шефицата на Канцеларијата на УНДП, Нарине Сахакјан.

Средбата беше со цел информирање на претседателот на Собранието со процесот на креирање на Национална развојна стратегија 2021- 2041. Првата фаза од креирањето на овој стратешки документ ќе биде финансирана од Британската амбасада во Скопје, со техничка поддршка од страна на Организацијата на Обединетите нации преку УНДП, а  ќе резултира со методологија и оперативна структура која ќе се примени при развивањето на стратегијата, што ќе претставува втора фаза на проектот.

Во воведното обраќање, вицепремиерот Битиќи истакна дека за ваква стратегија се зборува во последните 25 години, а за нејзиното креирање се клучни консензусот и инклузивноста. „Оваа национална развојна стратегија треба да продолжи да живее, без разлика кој е на власт. Ова ќе биде наш патоказ за тоа каде и како ќе се развива земјата во следните 20 години, затоа, важно е да постигнеме консензус, ова е значајно и во полза на државата и сите наши сограѓани,“ рече тој. 

Амбасадорката Галовеј ги потенцираше придобивките од креирањето на ваква долгорочна стратегија. „Сите земји кои се впуштија во овој процес, веќе ги гледаат придобивките од креирањето на план за развој кој овозможува консензус при носењето на одлуки и закони во насока на поддршка на долгорочната стратегија“.

Постојаната претставничка на ОН, Росана Дуџак и шефицата на канцеларијата на УНДП Нарине Сахакјан ја потенцираа комплексноста на самиот процес кој за да биде одржлив треба да почива на два важни принципи - да е донесен консензуално и да е флексибилен, како би можел да се прилагодува на предизвиците и промените кои ги носи новото време. 

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, ја поддржа иницијативата, потврдувајќи ја нејзината значајност за благосостојбата на државата на долг рок. „Ова ќе биде јасно патување, врз јасни и прецизни основи со широка опфатност. Сите треба да се заложиме оваа долгорочна развојна стратегија да ги опфати сите карактеристики и потреби на земјата“, заврши Џафери. 

Ова беше прва работна средба поврзана со процесот на информирање на клучните политички чинители, институции и организации, кои треба да бидат вклучени во процесот на креирање на долгорочната Национална развојна стратегија. Преку  широка консултација со сите засегнати страни ќе се овозможи Националната развојна стратегија да отслика меѓугенерациски, родов, меѓуетнички, меѓупартиски и долгорочен консензус за приоритетите на државата, со цел да се обезбеди инклузивен, зелен и оддржлив развој за сите, а особено за ранливите категории на луѓе.