Активности

Понеделник, 16 ноември 2020

Надзорна расправа за Еуростандард банка 

Комисијата за финансирање и буџет, на 13 ноември 2020 година, во рамки на Петтата седница, одржa надзорна расправа на тема: ,,Утврдување на причините и извршувањето на законите во постапката за доведување до стечај на Еуростандард банка АД Скопје’’.

На расправата, покрај претседателот на Комисијата, д-р Тимчо Муцунски, присуствуваа и членовите на Комисијата: Костадин Костадинов, Марија Георгиевска, Панчо Минов, Диме Велковски, Иван Јорданов, Зоранчо Јованчев, Бојан Стојаноски, Дафина Стојаноска, Арбер Адеми, Арта Биљали-Зендели и Ељми Азири; заменик-претседателката на Комисијата, Марија Петрушевска и заменик-членовите на Комисијата: Даниела Марковска, Кастриот Реџепи, Лолита Ристова, Јован Митрески, Бране Петрушевски, Бети Стаменкоска-Трајкоска, Бајрам Кадрија и Илире Даути.

На седницата присуствуваа координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, Никола Мицевски; пратениците Гордана Сиљановска-Давкова, Лидија Тасевска, Бастри Бајрами, Љупчо Димовски, Мирослав Јовановиќ, Ели Панова, Ѓорѓија Сајкоски, Антонијо Милошоски, Благица Ласовска, Дајанчо Ефтимов, Снежана Калеска-Ванчева, Петар Ристески, Златко Пенков, Љупчо Пренџов, Димитар Апасиев, Јадранка Поцкова, Анѓелинка Петкова, Синиша Стојаноски, Фадиљ Зендели, Александар Николовски и Лидија Петковска.

Претседателот на Комисијата, Муцунски, во своето воведно обраќање истакна дека ова е прва надзорна расправа која ја спроведува Комисијата за финансирање и буџет, согласно Законот за Собранието на Република Македонија, а која непосредно се однесува на делот од надзорната надлежност на законодавната власт. Согласно член 68 од Уставот на РМ, Собранието врши политичка контрола и надзор над Владата и другите носители на политички функции кои се одговорни пред него и во рамките на вршењето на работите од својата надлежност, има право да донесува и одлуки, декларации, резолуции, препораки и заклучоци. Надзорната расправа е еден од предвидените механизми за парламентарен надзор и контрола на законодавната власт над работата на извршната власт, како и инструмент за надзор на спроведувањето на законите од страна на Владата и другите државни институции.

Претседателот Муцунски изрази надеж дека надзорната расправа ќе привлече внимание кај јавноста, државните институции и засегнатите страни и дека истата ќе придонесе да се добијат повеќе исклучително важни одговори во однос на тоа дали се преземени сите неопходни дејствија од страна на надлежните институции за прашањето кое е тема на надзорната расправа. 

Муцунски посочи дека оваа надзорна расправа е од особено големо значење за граѓаните на Република Македонија и Собранието на Република Македонија, со основна цел да се добијат конкретни и релевантни информации и стручни мислења, во врска со спроведувањето на политиките и извршувањето на законите. Покрај големиот интерес на граѓаните и засегнатите страни, надзорната расправа е значајна и заради зачувувањето на монетарната и финансиската стабилност на државата и заштитата на стабилноста, сигурноста и функционалноста на нашиот банкарски систем, како и во насока во иднина превентивно да бидат спречени вакви или слични случувања.   

Надзорната расправа, посочи Муцунски, ќе придонесе Комисијата да има реална слика и да ги добие сите неопходни релевантни информации во однос на  причините кои доведоа до отворање на постапката за стечај на Еуростандард банка АД Скопје, како и за  извршувањето на законите од страна на надлежните институции пред да започне и во рамките на актуелниот тек на стечајната постапка,  што ќе бидат реална основа за Комисијата да може да донесе и конкретни заклучоци во однос на имплементацијата на законите и подзаконските акти кои ја регулираат оваа област.

На надзорната расправа во улога на сведоци усни искази и одговори на поставените прашања дадоа гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска; јавниот обвинител Љубомир Јовески; министерот за финансии, Фатмир  Бесими; директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми; директорот на Управата за финансиско разузнавање, Блажо Трендафилов; академик Абдулменаф Беџети; професор Никола Поповски, член на МБПР; професор Глигор Бишев, член на Македонската банкарска асоцијација; Трифун Костовски, мнозински акционер во Еуростандард банка и Оливера Клинчарова, член на иницијативниот одбор на Здружението на оштетени физички и правни лица „Правда за штедачи“.

Во текот на надзорната расправа прашања до овластените претставници (сведоци) поставија претседателот на Комисијата за финансирање и буџет, Тимчо Муцунски и пратениците: Антонијо Милошоски, Димитар Апасиев, Ељми Азири, Јован Митрески, Зоранчо Јованчев, Александар Николовски, Снежана Калеска-Ванчева, Марија Георгиевска, Ѓорѓија Сајкоски, Љупчо Пренџов, Диме Велковски, Благица Ласовска, Лолита Ристова, Бране Петрушевски, Арбер Адеми, Бојан Стојановски,  Златко Пенков, Кастриот Реџепи, Бети Стаменкоска-Трајкоска, Арта Биљали, Лидија Петковска и Панчо Минов.

Од причини што беше исцрпена листата на присутни учесници (сведоци)  на надзорната расправа, претседателот на Комисијата за финансирање и буџет, Тимчо Муцунски, ја прекина седницата. Тој информираше дека Комисијата за финансирање и буџет врз основа на расправата и сите дадени искази, доставени материјали и информации, дополнително ќе одлучи дали има потреба да се поканат други сведоци или да се разјаснат одредени прашања со барање на дополнителни информации.  Доколку Комисијата донесе одлука дека ги има исцрпено сите извори на информации и заклучи дека располага со доволно податоци, ќе предложи заклучоци и препораки и на координација ќе го утврди датумот за одржување на продолжението на надзорната расправа на кое истите ќе бидат ставени за усвојување.

Click