Активности

Четврток, 10 јуни 2021

Обраќање на потпретседателот Горан Мисовски на Инфосесијата „Глобалните цели за одржлив развој и улогата на парламентите во постигнување на Агендата 2030“

Почитувана г-ѓа Росана Дуџак, постојан координатор на Обединетите нации,
Почитувани пратеници, претставници на Службата,
Дами и господа,

Ми преставува особено задоволство да Ви посакам добредојде на воведната сесија за „Глобалните цели за одржлив развој и улогата на парламентите во постигнување на Агендата 2030“, подготвена од Канцеларија на Постојаниот координатор на Обединетите нации, во координација со претседателот на Собранието на Република Северна Македонија и координаторите на пратеничките групи. Убеден сум дека овој настан ќе претставува одлична основа за продлабочување на разбирањето на Агендата 2030 за одржлив развој и улогата на Собранието на Република Северна Македонија за нејзино остварување, во соработка со тимот на Обединетите нации. Тоа ќе значи и чекор надред кон зајакнување на вклученоста на Собранието на Република Северна Македонија во унапредувањето на одржливиот развој во земјата, како и продлабочување на соработката меѓу Собранието и агенциите на Обединетите нации во земјава, согласно Рамката за соработка за одржлив развој на Обединетите нации со Република Северна Македонија за периодот 2021-2025.

Дами и господа,

Агендата 2030 беше едногласно усвоена од земјите членки на Обединетите нации во 2015 година во Њујорк. Таа содржи визија за одржлив мир и развој, која е од суштинско значење за иднината на човештвото и има за цел да се стави крај на сиромаштијата, да се изградат мирни општества и да се промовира просперитет и благосостојба на луѓето, истовремено заштитувајќи ја животната средина за сегашните и идните генерации. За остварување на Агендата 2030, потребно е државите да ги спроведат амбициозните и трансформативни Цели за одржлив развој (ЦОР).

За успешно спроведување на Агендата 2030 потребен e интегриран пристап, инклузивни политички процеси и одговорни, ефективни и отчетни институции. Парламентите имаат можност и одговорност да играат значајна улога во поддршката и следењето на спроведувањето на Целите за одржлив развој. Декларацијата Агенда 2030 година ја нагласува „суштинската улога на националните парламенти преку носење на законодавството и усвојување на буџетите и нивната улога во обезбедувањето одговорност за ефективно спроведување на обврските“. Парламентите имаат директен интерес за целосна имплементација на ЦОР 16: „Мир, правда и силни институции“, а пред сè на специфичните цели за „развој на ефективни, отчетни и транспарентни институции“ и за „обезбедување на одговорно, инклузивно, партиципативно и репрезентативно одлучување на сите нивоа“.

Основните парламентарни улоги: законодавна, буџетска, надзорна и рапрезентативна, се од клучно значење за спроведување на Целите за одржлив развој.

Преку својата законодавна улога, парламентите треба да промовираат отчетност, партиципативно одлучување и инклузивност, односно да осигураат дека донесените закони ги рефлектираат принципите на човекови права и придонесуваат за постигнување на ЦОР.

Успешното спроведување на Целите за одржлив развој значи максимално искористување на расположивите домашни ресурси за постигнување на најдобри можни резултати. При усвојувањето на буџетот, ние, пратениците, мора се погрижиме средствата да бидат распределени во согласност со националните политики за одржлив развој, како и адекватни ресурси да стигнат и до најранливите групи. Во врска со буџетските приходи, парламентите мора да осигураат дека фискалните и другите економски политики, утврдени преку буџетскиот процес, се усогласени со националниот план за ЦОР. Исто така, клучен е и парламентарниот надзор врз трошењето на буџетските средства.

Парламентарните надзорни механизми, како што се пратеничките прашања, јавните и надзорните расправи, можат да бидат многу ефикасни во идентификувањето на пречките или проценувањето на напредокот во спроведувањето на Агендата 2030.

Како избрани претставници на народот, пратениците имаат обврска постојано да контактираат со своите избирачи. Треба да бидеме запознаени со проблемите на своите избирачи, преку директна комуникација со граѓаните, консултации со граѓански организации, академската заедница, приватниот сектор и други. На тој начин, ќе може да ги идентификуваме пропустите и слабостите во спроведувањето на Агендата 2030. Целите за одржлив развој даваат можност за спроведување на инклузивни дијалози за нашата заедничка иднина, а пратениците можат да играат водечка улога во олеснувањето на оваа дебата.

Како пратеници, имаме уникатна позиција да преставуваме врска помеѓу граѓаните и државните институции и да промовираме и усвојуваме политики и закони насочени кон луѓето, со цел „никој да не биде заоставен“. Пратениците се исто така моќни креатори на мислења и преку својата работа во Парламентот, во политичките партии и комуникацијата со гласачите може да ја подигнат јавната свест за Агендата 2030 и Целите за одржлив развој.

Дами и господа,

Собранието на Република Северна Македонија ја следи имплементацијата на ЦОР и Агендата 2030 преку своите претставници во „Националниот совет за одржлив развој“, советодавно тело во кое членуваат министри, претставници на стопанските комори, на универзитетите, на Академијата на науките и уметностите, на невладиниот сектор и двајца пратеници. Дел од комисиите во Собранието на Република Северна Македонија, како и неформалните група за поддршка и Парламентарниот институт имаат воспоставено блиска соработка со агенциите на ОН во Република Северна Македонија. Делегација на Собранието активно учествува во работата на Интерпарламентарната унија, која е постојан набљудувач во Генералното собрание на ОOН и остварува плодна соработка со голем број на специјализирани институции и програми на Обединетите нации, пред сè во доменот на демократијата и човековите права, родовите прашања, заштитата на децата, борбата против ХИВ/СИДА, меѓународната трговија и одржливиот развој. На собранијата на Интерпарламентарната унија (ИПУ) редовно се дискутира за значајни глобални теми, поврзани со имплементацијата на Целите за одржлив развој, пред сѐ во Комисијата на ИПУ за прашања на Обединетите нации. Членовите на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во ИПУ редовно учествуваат во овие дебати.

Дами и господа,

Целите за одржлив развој преставуваат одлична можност за пратениците да ја искажат својата посветеност за подобрување на животот на луѓето и здравјето на планетата. Наша обврска како пратеници е да ги повикаме владите на одговорност за целите кои ги усвоиле и да се потрудиме законите и буџетите кои ги усвојуваме да создадат поволни услови за нивно спроведување.

Ви посакувам успешна и продуктивна работа и плодни дискусии!

Благодарам на вниманието!

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.