Активности

Четврток, 11 февруари 2021

Обраќање на претседателот Џафери на основањето и промовирањето на Интерпартиската парламентарна група за поддршка на правата на Ромите, нивна инклузија и интеграција во Република Северна Македонија

Почитувана новоименувана координаторка на Интерпартиската парламентарна група за поддршка на правата на Ромите, г-ѓа Љатифа Шиковска,
Почитувани колеги,
Почитуван прв координатор и претседател на Партијата за целосна еманципација на Ромите, г. Самка Ибраимоски,
Почитувани екселенции,
Почитувани претставници на невладиниот сектор,
Почитувани медиуми,
Дами и господа,

Ми претставува чест и задоволство што денес присуствувам на основањето и промовирањето на Интерпартиската парламентарна група за правата на Ромите, нивна инклузија и интеграција во Република Северна Македонија, која е уште една неформална група во низата неформални групи што се основаа како продолжување на воспоставената практика со претходните парламентарни состави. Тоа е знак дека без оглед на составот, програмите, идеологиите на различните пратенички групи застапени во законодавниот дом, фокусот и интересот остануваат непроменети, волјата и ентузијазмот остануваат во полн капацитет и остануваме доследни и посветени кон исполнувањето на препораките, критериумите и обврските кои произлегуваат од потпишаните, ратификуваните универзални декларации и спогодби, и кон нашата стратешка определба за полноправно членство во Европската Унија. Од таа наша определба, како што ви е верувам познато на сите присутни тука, произлезе и Националната стратегија за Ромите со која стратегија би требало да се постигне траен развој во социјалната, економската и политичката сфера и, особено да се обезбеди заштита од дискриминација и расизам, вклучително и пристојно домување, соодветно образование и здравствени услуги за овие наши граѓани. Решавањето на проблемите во овие области, ќе влијае и придонесе видно во намалувањето или уште пооптимистички, во искоренувањето на сиромаштијата што секако ќе ја подобри сликата за Република Северна Македонија која со Устав е конституирана како суверена, самостојна, граѓанска и демократска држава која обезбедува социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот. Тоа што денес, во претставничкиот дом на граѓаните се конституира и оваа интерпартиска група, е доказ дека сите имаме јасна претстава за тоа која е нашата улога, колкава е законодавната моќ и како таа влијае врз овозможувањето на еднакви услови за живот за секој поединец. И ние, како и институцијата, созреваме и се издигнуваме над партискиот интерес и без оглед на политичката провиниенција од која доаѓаме, се здружуваме, соработуваме и правиме нешто за општото добро а конкретно во овој случај, за доброто на нашите граѓани од ромската етничка заедница. Сепак, законите, прописите, принципите на еднаквост, на недискриминација, инклузивност и достапност зависат од човечкиот фактор, од неговата изградената свест и чувство на одговорност и перцепција на состојбите и условите на терен. За тоа да биде веродостојно и автентично, потребно е да се согледаат ефектите од законските одредби конкретно и реално на терен, таму каде што сета суровост на недоволната или пак уште полошо, непостојната инклузија и правна инекзистентност ги оневозможува граѓаните да ги уживаат своите права, меѓутоа и да ги исполнуваат своите обврски. Знаете дека се реферирам на Законот за неевидентирани лица во матична книга на родени, што го усвои Собранието, а кој што беше инициран за решавање на одамна нотираниот проблем кој што се игнорираше со години наназад а се однесува на лицата што не се евидентирани во матична книга на родени, немаат лични документи и се најчесто од најранливите општествени слоеви. Ние не смееме повеќе да ги оставиме овие луѓе кои со години се среќавале со реални проблеми и биле невидливи за заедницата да продолжат и понатака да живеат на маргините на општеството! Законот обезбедува институционално-правна рамка за конечно да добијат граѓански идентитет кој што ќе им го отвори патот за остварување на сите права и обврски гарантирани со Устав за сите граѓани: правото на образование, здравствена и социјална заштита како и вработување со задолжително социјално осигурување.

Почитувани,

Сакам да ја искористам оваа можност и да ја изразам мојата почит кон почитуваната новоименувана координаторка на оваа интерпартиска група, колешката Љатифа Шиковска која во сиот нејзин досегашен ангажман како активистка за остварување на основните човекови права како и заштита на децата, денот го поминуваше на терен, а јас немам воопшто сомнеж дека и сега, како пратеник, повеќе ќе биде на терен, со граѓаните, отколку во собраниската канцеларија, затоа што, како што вели и самата, работата на терен и помага да ја согледа реалната состојба на Ромите и врз основа на тие согледувања ги креира и соодветните проекти, сега, ќе може со заеднички сили, со координирање на активностите и насочување на истите кон конкретни цели, да постигне успех кој што ќе се рефлектира врз подобрувањето на животот на нашите сограѓани Роми.

Почитувани колеги,

Ви посакувам успех во работата, постигнување на уште многу конкретни резултати кои ќе бидат плод на заедничката работа, а притоа, ве уверувам дека ќе имате и моја поддршка како претседател на Собранието на Република Северна Македонија.

Ви благодарам на вниманието!