Активности

Среда, 9 јуни 2021

Обраќање на претседателот Џафери на примопредавањето на донација од Народна Република Кина 

Почитуван амбасадор на Народна Република Кина во Република Северна Македонија, г. Жанг Ѕуо,
Почитувана пратеничка Бисера Костадиновска Стојчевска,
Почитувана претставничка на локалната самоуправа,
Почитувана директорка на ООУ „Крсте Петков Мисирков“, г-ѓа Татјана Апостоловска Ѓорѓиевска,
Почитувани директори и наставници на подрачните училишта во Општина Битола,
Почитувани медиуми,
Почитувани родители,
Драги ученици,

Драго ми е што денес сум тука во Битола, заедно со Вас и почитуваниот амбасадор на Народна Република Кина, Неговата Екселенција Жанг Ѕуо, да на свечен начин го одбележиме примопредавањето на оваа значајна донација, односно овие 82 таблет уреди за Вас драги деца, ученици на Општинското Основно Училиште „Крсте Петков Мисирков“ и подрачните училишта во Битола.

Дозволете по овој повод, да ве поздравам во мое лично име и од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија и во исто време да изразам искрена благодарност до почитуваниот амбасадор и до пријателскиот кинески народ за овој благороден гест. Јас морам да нагласам дека овој денешен свечен чин е резултат на нашата континуирана, блиска и отворена комуникација како Собрание на Република Северна Македонија и мене во својство на Претседател со Амбасадата и конкретно со амбасадорот Жанг Ѕуо во текот на целиот негов мандат. Уште при нашата прва средба, неговата Екселенција Ѕуо ја образложи неговата намера да направи некоја донација, се разбира во рамките на неговите надлежности, при што ме замоли за помош во насока на тоа каде да ја насочи оваа донација. Мене ми беше вистински драго што можам да посредувам во реализацијата на оваа негова намера која доаѓа во вистинско време и јас верувам во право место.

Јас знам дека потреби има многу, знам дека во ова време на пандемија со КОВИД -19 кое дојде со сите свои непредвидливи предизвици и наметнати, принудни решенија, иако институциите се секогаш еден чекор напред при планирањето на активностите, сепак ние не бевме подготвени за ова и моравме да се прилагодиме и да се навикнеме на еден поинаков начин на функционирање, односно, во вашиот случај, следење на наставата онлајн и воедно тестирање и полагање онлајн.

Верувам дека тоа претставуваше дополнителна тешкотија, особено доколку не сите ги имавте потребните уреди за успешно следење на наставата и учење, меѓутоа, не се сомневам воопшто дека вашите наставници, целиот наставен кадар вложија и продолжуваат да вложуваат максимални напори, вклучувајќи ја и нивната инвентивност и креативност за да ви бидат часовите поинтересни и да го задржат вашето внимание. Јас сум убеден дека резултатите нема да изостанат а овие таблети ќе ја дополнат сликата, ќе ви бидат од полза за успешно заокружување на оваа школска година.

Почитувани,

Иако оваа донација се реализира при крајот на учебната година, знам дека овие таблети ќе можете да ги користите и следните школски години. Тоа не значи дека оваа состојба на пандемија ќе трае, затоа што секако имунизацијата на населението ќе ги даде своите позитивни резултати и вие драги ученици ќе можете да се вратите во вашите ученички клупи, меѓутоа, овие уреди ќе можете активно да ги користите како нагледни средства и алатка за истражување и постигнување на уште подобри резултати. Тоа ќе ги направи горди вашите наставници, вашите родители и се разбира сите нас кои на некој начин придонесуваме во вашиот образовен развој.Драги ученици, ви посакувам успех во оваа и во сите наредни школски години!

Со среќа!

Ви благодарам на вниманието!

Click