Активности

Вторник, 13 јули 2021          

Петта седница на Комитетот за односи меѓу заедниците 

Во функција на успешна реализација на Програмата за работа на Комитетот за односи меѓу заедниците за 2021 г., вчера Комитетот ја одржа Петтата седница, на која Јетон Шаќири, министер за информатичко општество и администрација имаше обраќање на тема остварување на принципот на соодветната и правичната застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и во другите институции на сите нивоа.

Претседателката на Комитетот, Арбана Пашоли, на почетокот  на седницата сподели видео-презентација на досегашната работа на седниците на Комитетот, како и на Програмата за работа на Комитетот за 2021 г., притоа промовирајќи заедничко и транспарентно работење во Комитетот.

Вработувањето врз основа на принципот за соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во Република С. Македонија уставно беше воведена во 2001 година, по препорака на Охридскиот рамковен договор и почна да се применува и во јавната администрација во сите централни и локални јавни тела, на сите нивоа.

Министерот за информатичко општество и администрација со неговото  присуство даде поддршка на  работата на Комитетот, а во однос на  спроведување на уставниот принцип на правична и соодветна застапеност на припадниците на етничките заедници, на ниво на секоја од институциите во јавниот сектор тој реално ја отслика состојбата на вработените во јавниот сектор во однос на примената на начелото на соодветна и правична застапеност и се осврна и на систематизацијата на вработените со Рамковниот договор на соодветните работни места,  со што значително ќе се унапреди прашањето за правична застапеност во институциите каде имаше повеќе недостатоци. Тој истакна дека немањето попис придонесува за зголемени малверзации со етничката припадност за влез во јавната администрација, но дека не постојат законски санкции за некој кој ќе се обиде да го изигра системот односно софтверот „Балансер“.

По презентацијата и излагањето на министерот, со своја дискусија учествуваа членовите на Комитетот од редот на пратениците Турци, Роми, Срби и Бошњаци: Енес Ибрахим, Љатифе Шиковска, Иван Стоилковиќ  и Зеќир Рамчиловиќ.

Тие оценија дека етничката структура во државата треба да биде подобро одразена во државните и во локалните органи, како на нераководните, така и на раководните места со почитување на критериумот за стручност и компетеност. Се слушнаа бројни причини за недоволна имплементација на ова начело. Членовите на Комитетот  дадоа  забелешки на полето на соодветната и правична застапеност и понудија решенија за унапредување на примената на ова начело.

Со оглед на интересот што беше предизвикан од темата и презентацијата, Министерството за информатичко општество и администрација повторно ќе биде покането на тематски седници на Комитетот согласно Програмата на Комитетот, но и совпаѓањето на  надлежностите  на Комитетот и  на Министерството.

Следењето на имплементација на начелото на соодветна и правична застапеност на припадниците на сите заедници има суштествено значење во развојот на општеството на еднакви и рамноправни граѓани без разлика на која заедница припаѓаат.

Имплементацијата на начелото на соодветна и правична застапеност покрај афирмацијата на интересите на сите етнички заедници придонесува и кон градење на мултиетничка доверба и толеранција помеѓу припадниците на сите заедници во Република Северна Македонија.

Click