Активности

Среда, 7 април 2021 година

Порака на претседателот Џафери по повод Меѓународниот ден на Совеста за FOWPAL  

Почитувани граѓани на светот, 
Почитувана Екселенцијо,

Денес е Меѓународниот ден на совеста, ден усвоен од Обединетите нации а прифатен ширум светот, од страна на граѓаните на светот, државниците и креаторите на светските политики кои се свесни за моќта што ја поседуваат врз основа на надлежностите што им се доверени од граѓаните кои ги застапуваат.  Светот е наш заеднички дом, наша заедничка куќа во која живееме сите, исти, а сепак различни. Сите сме луѓе, се раѓаме со исти потреби, исти права, а сепак, не сите ги уживаме истите права и погодности кои ги нуди животот. Животот е чудесен благослов, меѓутоа во исто време знае да биде и пеколно ужасен. А може да биде толку хармоничен и благонаклонет кон сите. Само треба сите да веруваме, да делуваме и да го дигнеме гласот силно таму каде што социјалната неправда, нееднаквото третирање на човечкото суштество, несразмерната конкуренција, нерамномерниот раст, развој и напредок на регионите предизвикуваат различни степени на благосостојба, или, воопшто нема благосостојба. А зарем може некој да биде среќен доколку неговиот сосед, пријател, сограѓанин не е среќен? Зарем  може да спиеме мирни и да имаме мирна совест ако некаде во светот луѓето гладуваат, стравуваат за својот гол живот и животот на блиското и драго семејство? 

Знам, не е лесно, од ден на ден е се потешко со сите предизвици кои се испречуваат пред нас и надвиснуваат над нас. Пандемијата со КОВИД -19 сосема ни го промени начинот на живот, на дружење, смеење и ширење позитивна енергија со зборови на љубезност и топли прегратки. Меѓутоа, тоа нема да не поколеба! Ние сме граѓани на светот, со силен глас и моќ, имаме морална и етичка обврска, најпрвин да почнеме од себе, и потоа да го пренесеме тоа чувство на одговорност на сите, грижа за другиот, водење сметка за секој еден човек, за секое дете да ја сочува насмевката и да има полно стомаче. Да почнеме од себеси со лични примери, можеби со ситни дела на добрина и хуманост, меѓутоа, и најмалиот акт на солидарност претставува делче од мозаикот наречен човечност и кога секој еден поединец се обедини во едно тело, со еден глас, ништо нема да може да се испречи пред нас и да ја спречи моќта на добриот збор и доброто дело. Тоа ќе не направи нас лично подобри луѓе, меѓутоа ќе го направи и светот подобро место за живот. 

Нека колективната среќа биде водилка во секој наш иден чекор и ден! Заедно, да ја почнеме промената кон подобро за сите нас!

Бидете живи и здрави! 


 Порака        https://youtu.be/wcGh_gE6UUs

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.