Активности

Вторник, 17 ноември 2020

Поздравно обраќање на претседателот Џафери на обуката за Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот 

Почитуван регионален директор на ИРИ за Европа г. Пол Мекарти,
Почитуван Дерек Лајтен, извршен директор во Партнерство за демократија на американскиот конгрес,
Почитуван поранешен конгресмен, г. Питер Роскам,  
Почитувани претседател на Постојаната анкетна комисија во Собранието на Република Северна Македонија, г. Халил Снопче и други пратеници членови на оваа комисија, 
Почитувани експерти и други претставници,

Добар ден на сите кои сте вклучени на оваа платформа денес и кои ќе бидете дел од оваа прва од трите обуки што ќе се реализираат сега веќе на овој вообичаен и неопходен начин на одржување на комуникацијата помеѓу нас, наметнат од пандемијата со КОВИД-19.

На самиот почеток, сакам да ја поздравам оваа иницијатива на Меѓународниот републикански институт и на Партнерството за демократија на американскиот конгрес и да потврдам дека таа доаѓа во најсоодветниот момент за Собранието на Република Северна Македонија. Како што знаете, веќе имаме нов пратенички состав, и нови членови на Постојаната анкетна комисија кои треба да се запознаат со важноста на улогата на Комисијата во неколку области од исклучителна важност за демократскиот раст и развој на нашата земја, со единствена појдовна основа, а тоа е системот на заштита на човековите права и слободи а пратениците како непосредни претставници на граѓаните од кои и ја добиле довербата, имаат мандат кој овозможува директен надзор и следење на таа состојба.

Покрај тоа, Комисијата е исклучително важна и во поглед на евроинтеграциските процеси на земјата, конкретно во однос на исполнувањето на еден од постулатите врз кои се заснова Унијата, односно заштитата на човековите права и слободи. Законодавниот дом, преку својот начин на работа и функционирање, може да допре и да ги доближи прашањата кои ги обработува Постојаната анкетна комисија до останатите пратеници меѓутоа на најдиректен начин и до граѓаните, користејќи ги сите достапни начини на комуникација кои се на располагање за да придонесе во подигнувањето на свеста за важноста на заштитата на човековите права и слободи.

Морам да спомнам дека, претходниот состав на Комисијата, имаше прилично збиена агенда и активности, како во рамките на законодавниот дом, така и на терен. Одржа 15 седници и јавни расправи, панел дискусија, на кои главен фокус беше ставен на дискусии за пресудите на Европскиот суд за човекови права, разгледување на Извештајот на Европската Комисија од аспект на човековите права а почна да разгледува и претставки од граѓани. Од овие активности и како резултат на одржаната јавна расправа, произлезе и теренска активност, односно посета на казнено - поправните установи на Работна група во чиј состав, покрај членовите на Постојаната анкетна комисија, беа вклучени и претставници од невладиниот сектор, претставници од Хелсиншкиот комитет и поранешен судија од Европскиот суд за човекови права. Се разбира, соработката со Народниот правобранител беше постојана и есенцијална. Оваа група имаше за цел согледување на состојбите во кои се наоѓаат овие установи и предизвиците со кои се соочуваат, за да можат да се утврдат идните мерки кои можат да се преземат. Согласно член 127 став 3 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Работната група подготви Извештај од посетите а потоа усвои и Заклучоци кои беа споделени со сите засегнати страни и исто така се споделени на веб страницата на Собранието. Во нив стои дека, цитирам:

„Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот и понатаму ќе ја следи состојбата во казнено-поправните установи и преку редовни контакти и состаноци на секои три месеци, ќе се информира за тоа што е преземено и спроведено од овие заклучоци. Исто така, ќе контактира и со институциите, Управата за извршување на санкции, министерствата и сите засегнати и одговорни за подобрување на состојбата на овие институции и организирање на последователна расправа на која ќе се следи реализацијата на заклучоците, во овој и/или во следниот мандат.“ крај на цитат.

Почитувани колеги,

Ова е тој следен мандат, и јас му посакувам на новиот состав на Комисијата да ја  оправда довербата што му е доверена од граѓаните. Во прилог на таа доверба, ќе споделам со вас почитувани најнова информација за телото кое е од неизмерна важност за спречување на кршење на човековите права и слободи, односно Комисијата за спречување на дискриминација. Имено, после неколку обиди кои поради разни причини завршуваа неуспешно, во собраниска постапка е Предлог одлуката за именување на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и јас се надевам дека условите ќе дозволат за истата да се собереме во доволен број и да гласаме за да може во најкраток временски рок да биде функционална и да го дава својот придонес во градењето на недискриминаторско општество.

Од меѓународните активности, најважен успех на Комисијата е секако формирањето на Регионалната Мрежа на Комисии за човекови права и еднакви можности во Западен Балкан и проектот за постзаконодавен надзор. Тука, се разбира, од неизмерна помош е поддршката што Комисијата, меѓутоа и законодавниот дом во целина, ја добива преку програмите на Демократското партнерството на Претставничкиот дом на САД, која што соработка е заснована уште во 2006-та година со цел, јакнење на независноста и ефективноста на Собранието, подобрување на релациите со граѓаните и подобрување на учеството на граѓаните и граѓанските организации во Собранието, унапредување на работата на собраниските служби и овозможување размена на искуства на пратениците преку студиски посети, консултации за техничка помош и реализација на многубројни обуки.

На самиот крај, дозволете да изразам благодарност до Партнерство за демократија на американскиот конгрес и Меѓународниот републикански институт  за нивната постојана и континуирана поддршка во насока на унапредување на  демократските процеси во нашата земја и да ви посакам од оваа и од следните две обуки да успеете да ги идентификувате можните области за идна поддршка и следните чекори и иницијативи кои може да ги преземе Комисијата, а за кои ве уверувам дека ќе ја имате мојата безрезервна поддршка.

Ви благодарам на вниманието!