Активности

Понеделник, 11 октомври 2021, Лисабон

Пратеничката Арта Биљали-Зендели на Годишната сесија на ПС НАТО

На 67. Годишна сесија на ПС на НАТО, што од 8 до 11 октомври 2021 г. се одржува во Лисабон, Португалија, учествува шефицата на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија, Арта Биљали-Зендели.

Ова е прва годишна сесија по пандемискиот корона период, која се одржува после точно две години, а во кој период целосната работа и сите активности на ПС НАТО се реализираа на онлајн платформи. Воедно, ова е и прва сесија и настан на ПС НАТО на која учествува новоизбраната шефица на собраниската делегација во ПС НАТО, како член во Политичката комисија,  како шеф на Делегација во Постојаниот комитет, во Специјалната група за Медитеранот и во Политичката група на социјалистите во ПС НАТО.

На седницата на Политичкиот комитет на парламентарците се обрати Аугусто Сантос Силва, државен министер за надворешни работи на Португалија, кој даде осврт на португалската перспектива и главните политички и безбедносни предизвици на Алијансата, кои ги класифицираше во шест политички пораки: неприкосновената и незаменлива улога на Алијансата во политичка и воена смисла на глобално ниво; менаџирање на конфликти и соработка со други меѓународни организации, особено со ЕУ; јасност во дефинирањето на ризици и закани, како што е меѓународниот тероризам; новите предизвици врз безбедноста предизвикани од климатските промени; менаџирање со силниот технолошки напредок;  хибридните закани, сајбер нападите, дезинформациите и кампањи насочени кон ослабување на улогата на НАТО во однос на јавното мислење.

Тој се осврна и на актуелното прашање за масовна вакцинација, при што истакна дека успехот на вакцинацијата во Португалија, која има вакцинирано 85% од популацијата, е поради фактот што прво, самата операција беше доделана на водство на вицеадмирал од португалската армија која ужива голем општествен респект, при што беа мобилизирани армиските сили за да се дојде до секој граѓанин и до секое место во Португалија за да се вакцинираат граѓаните. Второ, овој процес беше силно поддржан од опозицијата, чиј лидер во Парламентот на самиот почеток на борбата со Ковид-19 истакна дека „вакцинацијата никогаш нема да биде опструирана од опозицијата и во оваа борба стоиме силно зад Владата”.

На седницата на Постојаниот комитет на парламентарците се обрати Бенедета Берти, шеф на Одделот за стратешко планирање на генералниот секретар на НАТО, која говореше за ревидирањето на стратешкиот концепт на НАТО. НАТО стратешкиот концепт се ревидира на секои 10 години, заради променетите состојби во безбедносната сфера, кога НАТО земјите членки ги редефинираат стратешки фокуси и ги приотеризираат следните чекори на делување, насочени кон реафирмирање на трансатлантското единство.

Во Постојаниот комитет членуваат само шефовите на делегациите на земјите членки на НАТО, членовите на Бирото и претседателите на комитетите, се дискутираше за листата на предлог-извештаи и предлог-резолуции за 2022 година, а беше разгледан и Предлог-буџетот за наредната година. Особен акцент беше ставен на придонесот на ПС НАТО кон следниот Самит на НАТО и Рефлексијата „НАТО 2030”. Посебна точка беше посветена на Авганистан – научените лекции од НАТО ангажманот и следните чекори во односите НАТО - Авганистан и новата талибанска влада. Дискусиите по овие прашања се од императивна важност за самата организација и за нејзината парламентарна димензија, бидејќи „повторното фокусирање кон демократските фундаментални приниципи и темели” го налагаат актуелните безбедносни предизвици и хибридни закани.

Извештајот на активностите за 2021 и следните приоритети на ПС НАТО, презентиран од генералната секретарка, беше фокусиран на деветте приоритети на НАТО 2030, усвоени на Бриселскиот самит на НАТО и нивната корелација со работата на ПС НАТО, преточена во извештаите и резолуциите на Собранието: јакнење на трансатлантската врска, конфронтирање со руското повеќеслојно влијание, мониторирање на модернизацијата на кинеската армија, јакнење на општествената отпорност и континуирано инвестирање во одбрамбените капацитети.

За првпат оваа година, Постојаниот комитет востанови награда „Жени за  мир и безбедност”, која беше доделена на Ненси Пелоси, спикерка на Претставничкиот дом на Конгресот на САД, за заслуги и достигнувања како долгогодишен поранешен член на ПС НАТО и член на безбедносни комисии во Конгресот.

На пленарната сесија свои обраќања имаа: португалскиот претседател, Марсело Ребело да Соуса; португалскиот премиер, Aнтонио Коста; претседателот на Португалскиот парламент, Едурадо Феро Родригез; претседателот на ПС НАТО Џералд Коноли; како и Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.

Обраќањето на Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО, опфати неколку актуелни предизвици: Авганистан, контролата на оружјето и новите технологии, влијанието на Русија во меѓународните односи, незапирливиот развој на Кина кој носи многу можности, но и ризици. Секој од овие предизвици бара соодветен третман и од парламентарната димензија на НАТО, но и од националните влади, особено преку дисциплиниран пристап во реализирањето на проектираната финансиска поддршка на НАТО оперативните активности. Столтенберг ја потенцираше важноста од заедништво меѓу сојузниците, инвестирање во новите технологии, внимание за климатските промени и натамошна борба против теороризмот. Како клучно го смета натамошното јакнење на односите НАТО и ЕУ, во контекст на ревидирањето на стратешки концепт на НАТО 2030, чија цел е да се реафирмираат трансатлантската врска и базичните НАТО вредности: демократија, владеење на правото и заштите на човековите слободи. 

Покрај вообичаената работа на подготовка и дебатирање на извештаи, ПС НАТО посветува големо внимание на спонтана и динамична дебата парламентарците да дискутираат за актуелните безбедносни предизвици. За таа цел на комитетите се обраќаат еминентни личности од областа на безбедноста, како актуелни високи функционери на НАТО или актуелни и поранешни премиери и министри за одбрана. На оваа сесија по одделни теми свои обраќања, меѓу другите говорници, имаа: за Авганистан - Џон Манза, помошник генерален секретар на НАТО; за влијанието на климатските промени врз безбедноста и отпорноста на Алијансата и за вештачката интелигенција и етиката – Давид ван Вил, помошник генерален секретар на НАТО за растечки безбедносни предизвици и за лекциите научени од пандемијата со Ковид-19 – Жозе Мануел Барозо, поранешен португалски премиер и поранешен претседател на Европската комисија; за Иранската нуклеарна програма – генералот Јурген Бротз, заменик-генерален секретар за разузнавачки операции. Сите дискусии, говори, обраќања и кратки интервенции, во целина ги таргетираа модерните безбедносни  и технолошки предизвици пред кои е исправена Алијансата, долготрајната борба против тероризмот, пандемијата со Ковид-19 и научените лекции, Авганистан и неговото глобално влијание, непријателската пропаганда и хибридните војни, влијанието на Русија во меѓународната политика, но и на хуманитарните аспекти од воените мисии. Инвестирањето во мирот на Блискиот Исток и Медитеранот остануваат императив во идните активности на ПС на НАТО и на Алијансата во целина, како и климатските промени како предизвик по безбедноста.

За време на сесијата, Билали-Зендели оствари средби со потпретседателите на ПС НАТО, кои воедно се и шефови и заменици-шефови на турската, унгарската и албанската делегација (Осман Ашкин Бак, Атила Местерхази и Мими Кодели), како и со шефовите на српската и црногорската делегација (Драган Шормаз и Данило Шарановиќ), при што беа разменети корисни информации околу актуелните безбедносни предизвици во регионот и Европа, како и за улогата на државите и парламентите на земјите-членки на НАТО во креирањето на глобалниот мир и стабилност. Во разговорите со Соња Крими, француска парламентарка и претседателка на Специјалната Медитеранска група, беа разменети ставови за меѓународната политика, безбедносните и одбранбените предизвици во Медитеранот, состојбата со интегрирањето на авганистанските бегалци во земјите-членки на НАТО, како и перспективите на трансатлантската безбедност.   

ПС на НАТО е мултилатерално парламентарно собрание основано во 1955 година како консултативно собрание на НАТО и обединува 269 парламентарци од 30-те земји членки на НАТО, од 11 асоцијативни делегации, од 4 регионални и медитерански партнери, од 8 делегации  со статус набљудувач (меѓу кои и од ПС на ОБСЕ и ПС на СЕ), како и посебна делегација од Европскиот парламент, со што вкупниот број достигнува 360 парламентарци. Собранието воспоставува суштинска врска меѓу НАТО и парламентите на НАТО нациите, обезбедува поголема транспарентност на политиките на НАТО и придонесува да се зајакнат трансатлантските вредности на Алијансата.

Click