Активности

Среда, 7 април 2021 година

Презентација на извештаите за пост-законодавен надзор на мрежата на Комисиите за човекови права и родова еднаквост во Западен Балкан (HUGEN)

Гордана Силјановска Давкова, претседателката на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, како и членовите на Комисијата, вчера, учествуваа на регионална онлајн презентација на извештаите за постзаконодавниот надзор (ПЗН). Во координација со парламентарните комисии за човекови права и родова рамноправност на Западниот Балкан, проектот HUGEN, на Фондацијата за демократија на Вестминстер (WFD) работеше во текот на 2020 година на обезбедување доследна имплементација на законите за жени, лица со попреченост и други потенцијално маргинализирани групи. Заедно со истражувачитe, WFD ги презентираше извештаите за ПЗН и разговараше за можните следни чекори во секоја од земјите. 

Поздравни зборови и воведни забелешки на презентацијата имаа Емил Атанасовски, директорот за Западен Балкан и Василика Хиси, неформален претседател на мрежата HUGEN, нагласувајќи го значењето на транспарентен, отворен процес на ПЗН и значењето на пилотирањето на овој процес во земјите на Западен Балкан. 

Д-р Марија Мусмути од Институт за напредни правни студии (Универзитет во Лондон) објасни кои се чекорите по објавувањето на извештајот за ПЗН, по што следеа презентации на извештаите за ПЗН поврзани со родовото законодавство и тоа презентација на Извештајот за пост-законодавен надзор на Законот за изменување и дополнување на законот за родова еднаквост на Парламентот на Црна Гора, презентација на Извештаот за пост-законодавен надзор на законот за родова еднаквост во општеството на Парламентот на Албанија и Презентација на Извештајот за пост-законодавен надзор на Законот за заштита од семејно насилство на Федерацијата на Босна и Херцеговина.

Не секогаш се случува националните закони да бидат целосно спроведени или ефективни. За да се обезбеди нивната ефикасност, од витално значење е да се спроведе ваков пост-законодавна контрола (ПЗН) и темелно да се анализираат овие правни акти.

Целта на овој проект е подобрување на капацитетите на службите и обезбедување дополнителна поддршка на парламентите во спроведување на вистинска пост-законодавна контрола.  Покрај тоа што креирањето и објавувањето на извештаи за ПЗН беше важен прв чекор за активирање на дијалогот, тука не е крај на процесот, туку следат активности, како што се ревидирање на одговорите на владите во однос на  извештаите за ПЗН, теренски посети и состаноци со владини претставници.

Претседателката Силјановска–Давкова изрази благодарност за досегашната соработка во мрежата и меѓу другото ги информираше присутните за нејзиниот обид преку амандмански измени во преодните и завршни одредби на  Законот за спречување и заштита од дискриминација и Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство да се предвиди задолжителен пост-законодавен надзор по одреден временски период.

Click