Активности

Среда, 2 јуни 2021

ПРОШТАЛНА СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО Н.Е. СТЈУАРТ

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Австралија во Република Северна Македонија, со седиште во Белград, Н.Е. Рут Карис Стуарт.

На почетокот на средбата, претседателот Џафери изрази благодарност за досегашниот ангажман на амбасадорката, посакувајќи и успех на личен план и на идните институционални позиции. Тој ги поздрави континуираните пријателски билатерални односи меѓу двете земји без отворени прашања и на сите нивоа и меѓусебната соработка во рамките на мултилатералните организации, кои заради пандемијата предизвикана со вирусот Ковид-19 не ја задржаа предвидената динамика. Претседателот Џафери нагласи дека негувањето на врските со дијаспората која е меѓу петте најбројни заедници во Австралија може да ги унапреди можностите за соработка на економски план, но и во образованието, туризмот, културата и други области од взаемен интерес за двете земји.

Амбасадорката Стуарт констатираше дека пандемијата имаше влијание врз интензитетот на меѓусебната билатерална комуникација и изрази сочувство до граѓаните на Република Северна Македонија кои загубиле членови на своите семејства од вирусот Ковид-19. Истовремено, се заблагодари за поддршката на Република Северна Македонија за Австралија и нејзиното справување со пожарите во 2020 година, што е уште еден доказ дека иако земјите се географски оддалечени, истото не ги спречува меѓусебно да соработуваат, особено ако споделуваат заеднички вредности.

Амбасадорката Стуарт ја поздрави функционалноста на Собранието и претставеноста на различни политички партии, кои делат различни мислења, но делуваат заедно во своето работење. Таа ја поздрави иницијативата на студенти од Република Северна Македонија да студираат и да го оформуваат своето образование во Австралија, со надеж дека таа бројка ќе се зголемува во иднина. На крајот, ја повтори поддршката на Австралија за сега веќе оствареното членство на Република Северна Македонија во НАТО и за очекуваното идно членство во Европската Унија.

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.