Активности

Петок, 16 април 2021

Работна средба за подобрување на состојбата на жените од руралните средин

Претседателките на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и на Клубот на пратенички, Гордана Силјановска-Давкова и Лолита Ристова, како и пратенички од двете собраниски тела, денеска остварија работна средба со Националната федерација на фармери (НФФ).

Како составен ден на НФФ, функционира Мрежата на жени-фармери, која има за цел економско јакнење на руралната жена, јакнење на лидерските вештини на жените-фармери, подигнување на свеста за поголема вклученост во креирањето на земјоделската политика, застапување и лобирање за имотните права на жените од руралните средини и сопственост на земјоделско земјиште, остварување на правото на пензија, родителско отсуство, работа со фокус-групи со ранливи категории на жени од руралните средини.

На средбата присуствуваа Васка Мојсовска, претседателка; Билјана Петровска-Митревска, проект-менаџерка и Даниела Антоновска, проект-координаторка.

Дискусијата беше во правец на подобрување на економската и социјална положба на жените во руралните средини преку зајакнување на ефективноста и влијанието на националните програми за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, законите и стратегиите од областа на родовата еднаквост, недискриминација, земјоделство, рурален и социјален развој и вклучување на родовата перспектива во креирање на мерки, политики и стратегии кои се однесуваат на земјоделството и руралниот развој.

Особен акцент беше ставен на потребата за изнаоѓање на законски решенија за жените од руралните средини кои немаат остварено право на пензија, односно препознавање на неплатениот труд на жените преку измена на Законот што предвидува социјална пензија, како и на неопходните измени на Законот за здравствено осигурување, со цел остварување на правото на родителско отсуство и боледување на регистрираните земјоделки, односно земјоделци.

На крајот од средбата пратеничките ја искажаа подготвеноста за идна соработка, пред сѐ во делот на остварување на правата и подобрување на положбата на жените од руралните средини.

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.