Активности

Среда, 28 април 2021

Словачка - голем поддржувач и партнер на нашата земја

Славјанка Петровска, претседателка на Пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Парламентот на Словачката Република, заедно со членовите на Групата, остварија средба со словачкиот заменик-министер за надворешни работи, Мартин Клус.

На почетокот од средбата, Петровска, посакувајќи му топло добредојде на гостинот, ги претстави присутните членови на Групата, пратениците: Жаклина Пешевска, Ели Панова, Здравко Трајанов и Марија Костадинова. Таа упати благодарност за соработката и помошта од Словачка, особено во евроинтегративниот процес и информира дека членството во ЕУ е прашање за кое има консензус и на кое сите се сериозно посветени. Исто така, високо се цени и словачката помош во справувањето со миграцијата, како и заедничката борба против криминалот и корупцијата.

Во продолжение свое мислење имаа можност да искажат и членовите на Пратеничката група, кои беа едногласни во изразувањето благодарност за поддршката од Словачка. Притоа, Пешевска се заблагодари на Словачка за блокирањето на заклучоците во Советот на ЕУ во декември 2020 година, кога Бугарија бараше од европратениците да бидат вклучени историските прашања. Костадинова се осврна на можноста за продлабочување на соработката во областа на образованието и културата. На крајот, Панова го истакна придонесот од вклученост на жените пратеници во овие Пратенички групи и ја истакна важноста од споделување на словачките искуства во собраниското функционирање, како и засилена економска соработка меѓу двете земји.

Од своја страна, заменик-министерот Клус изрази задоволство од средбата со парламентарци како директен мост со граѓаните, но и од отворената дебата. Тој покажа подготвеност за споделување на искуствата со оваа пријателска земја, како наши големи поддржувачи и партнери и ја потенцираше важноста од што поскора европска интеграција на Западен Балкан.

Надоврзувајќи се на начнатите теми, Клус се согласи дека миграцијата и азилот се важни прашања за цела Европска Унија. Во однос на образованието, врската е силна, со оглед и на братските Универзитети „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје и Трнава. На ова поле е пожелна засилена соработка, размена на студенти и интерес за македонскиот јазик. Пандемијата останува сложена тема за сите, а вакцинацијата и снабдувањето со вакцини е од големо значење во овој период.

На крајот, Клус упати покана за посета на Братислава, но и за учество на претстојната мајска конференција за иднината на Европа.





Click