Активности

Четврток, 18 февруари 2021 година

Средба на Адеми со францускиот амбасадор Бoмгартнер

Денеска, претседателот на  Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Северна Македонија, г. Арбер Адеми, имаше средба со францускиот амбасадор  во земјата, Н.Е. Сирил  Бoмгартнер.

Адеми посебно го истакна значењето на француската поддршка за нашите евроинтегративни аспирации, изразувајќи надеж дека таа нема да изостане и  во претстојниот период за време на актуелното португалско претседавање со Унијата. Во таа насока, истакна дека за нас е особено значајно Франција да не поддржи во одлуката на Советот да се оддржи првата Меѓувладина конференција, со што ќе се означи официјалниот почеток на пристапните преговори со ЕУ. Притоа, истакна дека земјата  е целосно посветена на европските реформи, а во тие рамки и Собранието и Комисијата за европски прашања посебно,бидејќи, истакна Адеми,земјата нема друга алтернатива освен зачленувањето во европското семејство. Во овој контекст, истакна дека се прават напори да се надминат разликите со Република Бугарија, со цел  да се усогласат позициите на двете земји  и да се постигне позитивен исчекор, кој ќе биде во духот на добрососедството и на европските вредности. 

Амбасадарот Бoмгартнер, ја потврди континуираната француска поддршка за нашите евроинтегративни процеси, истакнувајќи дека земјата се наоѓа во важен момент, кога очекува  почеток на преговори. Изрази согласност со Адеми дека Собранието треба да ја движи напред ЕУ агендата, која согласно новата Методологија бара поголема и целосна посветеност на сите сегменти на општеството. Бoмгартнер нагласи дека во оваа констелација Франција очекува Собранието, заедно со Владата да работат напорно, со цел да постигнат видливи резултати, и дека нема сомневање дека тие ќе бидат соодветно вреднувани и од Франција, но и од останатите земји членки на ЕУ.

На средбата беа разменети мислења за актуелните случувања во земјата, при што заедничка беше констатацијата дека  за евроинтегративните процеси, од најголема важност е широкиот консензус за ЕУ прашањата на политичките партии во Собранието, но и севкупниот граѓански консензус.

Во однос на пријателските односи меѓу Франција и Северна Македонија беше изразена подготвеност тие и понатаму да одат во нагорна линија, на државно но и на локално ниво во сите области.