Активности

Понеделник, 12 октомври 2021

Средба на Делегација на Собранието на Република Северна Македонија со Делегација на Република Хрватска

Потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија г. Горан Мисовски, заменичката на претседателот на Комисијата за финансирање и буџет, г-ѓа Марија Петрушевска, претседателката на Комисијата за политички систем г-ѓа Соња Мираковска, претседателката на Законодавно-правната комисија г-ѓа Снежана Калеска-Ванчева и заменикот на генералниот секретар г. Бојан Василевски одржаа средба со  претседателката на Комисијата за финансирање и буџет во Парламентот на Р. Хрватска г-ѓа Гроздана Перич, претставници на Државниот завод за ревизија на Р. Хрватска , главниот државен ревизор г. Максим Ацевски и претставници на Државниот завод за ревизија на Р. Северна Македонија. Средбата беше во рамки на  Твининг проектот на ЕУ-ИПА „Подобрување на надворешната ревизија и парламентарниот надзор“’, со кој е предвидено  зајакнување на соработката на Државниот завод за ревизија со Собранието на Република Северна Македонија.     

Потпретседателот Мисовски се заблагодари за поддршката која Р.Хрватска континуирано и ја дава на Република Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и  изрази надеж дека наскоро и Република Северна Македонија ќе стане дел од европското семејство. Мисовски истакна дека во Собранието на Република Северна Македонија во изминатите неколку години особено големо внимание се дава на парламентарната дипломатија која има важна улога во зајакнување на меѓународната соработка. Соработката со Државниот завод за ревизија, процесирањето на ревизорските извештаи, нивното разгледување и дискутирање на седниците на работните тела и на седниците на Собранието е од особено значење за контролата и надзорот на трошењето на јавните средства.   

Г-ѓа Перич ги запозна своите колеги со начинот и постапката на третирање на извештаите на Државниот завод за ревизија во Парламентот на Република Хрватска и изрази задоволство што преку овој Твининг проект се зајакнува соработката помеѓу двете земји.     

Потпретседателот на Собранието г. Мисовски, претседателката на Комисијата за политички систем г-ѓа Мираковска, претседателката на Законодавно-правната комисија г-ѓа Калеска-Ванчева и заменичката на претседателот на Комисијата за финансирање и буџет, г-ѓа Марија Петрушевска во текот на дискусијата истакнаа дека Собранието на Република Северна Македонија  и  Државниот завод за ревизија континуирано соработуваат и  се во постојана комуникација во насока на изнаоѓање на соодветен модел за разгледување на конечните ревизорски извештаи со што би се постигнала поголема ефикасност и ефективност во спроведувањето на препораките дадени во ревизорските извештаи што ќе влијае на зајакнување на надзорот и контролата на трошењето на јавните финансиски средства.       

Благодарение на искуствата од другите земји во Собранието веќе се започнати консултации за формално третирање на ревизорските извештаи во насока на воспоставување на ефективен механизам на разгледување на ревизорските извештаи. Пратениците изразија голема благодарност за поддршката која Европската Унија и Р.Хрватска му ја даваат на Собранието и изразија надеж дека позитивните искуства од Парламентот на Р. Хрватска што поскоро ќе се применат и во Собранието на Република Северна Македонија.

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.