Активности

Среда, 24 февруари 2021 година

Средба на Фаница Николоска со полскиот амбасадор Тицињски

Претседателката на Пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Парламентот на Република Полска, Фаница Николоска, денеска оствари средба со полскиот амбасадор, Н.Е. Војциех Тицињски.

На почетокот, претседателката на Групата, Николоска, изрази задоволство од реализацијата на оваа средба, имајќи го предвид фактот што Полска е долгогодишен пријател на нашата држава и силен поддржувач на нашиот евроинтегративен пат, како и на реформските процеси на клучните институции во државата.

Амбасадорот Тицињски упати честитки за формирањето на Пратеничката групата за соработка со Полскиот парламент, чија претседателка е Николоска, која традиционално продолжува и во овој маднат.

Полска беше меѓу првите земји кои го ратификуваа протоколот за пристапување кон НАТО, и е во групата земји кои се надеваа дека пристапните преговори ќе отпочнат - потсети Тицињски. Тој спомена дека не го разбираат и споделуваат ставот на Бугарија, прашањето за идентитетот и историјата не треба да влегуваат во тој европски пакет и не треба да бидат предмет на разговор во претпристапните преговори.

Во однос на билатералната соработка, полскиот амбасадор рече дека битна е политичката, но, исто така, и економската, како и соработката во областа на туризмот. Полска е на единаесеттото место на економска соработка со Северна Македонија и тоа е добар сигнал за инвестициите, кои се, сѐ повеќе присутни во државата.

Соговорниците разменија мислења и во однос на моменталната ситуација во земјата, предизвиците и справувањето со Ковид-19 пандемијата, вакцинацијата, досегашните реализирани проекти, но беа разгледани и идни можности за продлабочување на меѓусебната соработка.

Тицињски побара парламентарна поддршка за иницијативата во врска со дигитализацијата, најавувајќи го идниот важен настан 16. Самит на ООН, кој треба да се реализира годинава во декември, во Катовице, Полска, на што Николоска потврдно истакна дека ние сме на почетокот од овој процес и секоја помош и искуство ни е добредојдено.

Средбата ја затвори претседателкатата на Групата, Николоска, со заложба за интензивна, пред сѐ, парламентарна соработка меѓу двете земји, но и во други области, економијата, туризмот, на ниво на цела држава, за која согласен е и амбасадорот Тицињски.
 

Click