Активности

Среда, 24 февруари 2021

Средба на Костадин Костадинов со украинската амбасадорка Наталија Задорожњук

Шефот на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа, Костадин Костадинов, оствари средба со амбасадорката на Украина, Наталија Задорожњук.

Осврнувајќи се на одличните билатерални односи и активната политичка соработка, двајцата соговорници се сложија дека постојат бројни можности за унапредување на економската соработка меѓу Северна Македонија и Украина. Воведувањето на директната авионска линија Киев - Скопје беше оценето како позитивен чекор кој директно придонесува за зголемена туристичка размена, а во таа насока беше спомнато и одржувањето на видео-форумот на националните туристички организации од двете држави. 

Поздравувајќи ја добрата меѓусебна соработка и во рамките на меѓународните организации, амбасадорката Задорожњук ја презентираше и Кримската платформа која Украинската делегација ја иницираше во Парламентарното собрание на Советот на Европа како нова меѓународна рамка, чија цел е да се запре илегалниот обид за припојување на Крим и со која се повикува да се почитуваат меѓународното право за човекови права, вклучително и Европската конвенција за човекови права и принципите и стандардите на Советот на Европа. Амбасадорката информираше дека инаугуративниот самит на кој ќе биде усвоена политичката Декларација за потврдување на клучните принципи на меѓународната политика за Крим, е планиран на 23 август, додека на 24 август 2021 година Украина ќе прослави 30 години од независноста.

Во однос на соработката меѓу законодавните дома на двете држави, соговорниците потенцираа дека планираната посета на Украинската група за пријателство на Собранието на Република Северна Македонија во мај оваа година, ќе придонесе за понатамошно зацврстување на врските меѓу пратениците.   

Click