Активности

Вторник, 11 јануари 2022

Средба на претседателот Џафери со албанскиот претседател Илир Мета

Денеска, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери, оствари средба со г. Илир Мета, претседател на Република Албанија. 

На средбата, двајцата соговорници истакнаа дека билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија се на високо ниво и дека постои заемен интерес и можност за унапредување на истите. Двете држави ги врзува искрено пријателство и соработка кое во иднина се очекува уште повеќе да се зајакнува и унапредува, бидејќи и на меѓународен план имаат исти цели и интереси, односно: полноправно членство во Европската Унија, безбедносна соработка во рамките НАТО и продлабочување на регионалната соработка.   

Имајќи предвид дека Република Албанија, од 1 јануари 2022 година, е непостојана членка на Советот за безбедност на Организацијата на обединетите нации, претседателот Џафери упати искрени честитки. Понатаму, тој истакна дека Република Северна Македонија останува целосно посветена на определбите за европска интеграција и посветено работи на регионална соработка. Како приоритети од заемен интерес ги посочи поефикасното искористување на ЕУ фондовите, заедничкото учество во нови проекти во рамките на ИПА 2, но, пред сè, работењето на продлабочување на економската соработка преку промоција на стопанските потенцијали и реализација на инфраструктурните проекти кои се значајни за напредокот и стабилноста на Република Северна Македонија и Република Албанија. Тој го информираше соговорникот за најновите случувања во земјата по одржувањето на локалните избори во земјата, како и за изборот на новата влада што треба да се случи во текот на оваа недела.

Претседателот Мета истакна дека во Република Северна Македонија има консолидирани демократски процеси и дека земјата ги исполнила сите обрски за отворање на преговорите за членство во Европската Унија, но, сепак, тоа не се случило. Изрази надеж дека што поскоро ќе се надминат недоразбирањата со Република Бугарија и ќе се создадат услови за одржување на Првата меѓувладина конференија за почеток на преговорите за членство во ЕУ.      

На крајот, двајцата соговорници се согласија дека во иднина е потребна уште поголема меѓусебна соработка и поддршка, пред сѐ заради енергетската и економската криза која се очекува оваа година да се продлабочи. 

Click