Активности

Четврток, 10 јуни 2021

Средба на претседателот Џафери со Делегацијата на ПАБСЕК

Денеска, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, оствари средба со шефот на Делегацијата на Парламентарното собрание на организацијата за Црноморска економска соработка, г. Џемал Озтурк и генералниот секретар на ПАБСЕК, г. Асаф Хаџиев. На средбата беа присутни и пратеничката Лидија Тасевска, која е номинирана за шеф на Делегацијата на Собранието во ПАБСЕК и генералната секретарка на Собранието, г-ѓа Цветанка Иванова.

Декларацијата за основање на ПАБСЕК е усвоена на 26-ти февруари 1993 година, во Истанбул од страна на претседателите на парламентите на девет земји - Албанија, Ерменија, Азербејџан, Грузија, Република Молдавија, Романија, Руската Федерација, Турција и Украина, а подоцна се приклучија и парламентите на Грција, Бугарија, Србија и Црна Гора. Република Северна Македонија стана 13-та земја-членка на БСЕК сметано од 9 ноември 2020 година а Собранието на Република Северна Македонија ќе стане членка во текот на 57-мото Генерално собрание.

На почетокот на средбата Претседателот Џафери им посака топло добредојде во Република Северна Македонија, и нагласи дека со оваа посета всушност се одбележува и почетокот на официјалната соработка помеѓу Собранието на Република Северна Македонија и Парламентарното собрание на организацијата за Црноморска економска соработка. Во тој контекст, упати желби за плодна и успешна соработка, која доаѓа во овој период на криза, што упатува на оправданоста на потребата од заедничко справување со последиците. Тој подвлече дека е поборник на парламентарната дипломатија која во рамките на сложената меѓународна ситуација, преку активно учество на парламентите во меѓусебните односи на државите дава позитивен придонес во намалувањето на тензиите, градењето на доверба и наоѓање решенија.

Шефот Делегацијата на ПАБСЕК, г. Озтурк се заблагодари на срдечниот прием, пренесе топли поздрави од пријателска Турција и упати честитки за членството на нашата земја во ПАБСЕК. Генералниот секретар на Пабсек, Г. Асаф Хаџиев, се осврна на значајноста на регионот што го покрива ПАБСЕК, како мост на транспортно и енергетско поврзување на Европа и Азија, при што ја спомна огромната важност на енергетското поврзување. Покрај тоа, Генералниот секретар Хаџиев, даде краток осврт и за структурата на ПАБСЕК, претседателството, меѓународниот секретаријат и начините како ќе може да се вклучи Собранието во тие структури. Тој не ја испушти можноста да искаже пофални зборови за нашата земја, нејзините убавини и пред сè, за исклучително пријателските граѓани на Република Северна Македонија.

На крајот на средбата, соговорниците изразија верба дека оваа нова димензија на взаемна соработка ќе ги унапреди уште повеќе односите во регионот и пошироко. 

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.