Активности

Четврток, 18 февруари 2021

Средба на претседателот Џафери со Кјучук

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, се сретна со известителот за Република Северна Македонија во Европскиот Парламент, Илхан Кјучук, кој престојува во дводневна работна посета на државата.

Претседателот Џафери изрази благодарност за ангажманот на известителот Кјучук за изготвувањето на резолуција за напредокот на земјата во 2019 и 2020 година, со надеж дека финалниот документ кој треба да биде изгласан на почетокот на март, ќе содржи објективни оценки за состојбите во државата, ќе го нотира напредокот и јасно ќе повика на почеток на преговорите за членство. Тој нагласи дека Република Северна Македонија е позитивен пример за  регионална соработка и дека државата останува посветена на Договорот за добрососедство со Бугарија од 2017 година како добра основа за надминување на разликите, враќање на довербата и отворање на вратите за почеток на пристапниот процес.

Во однос на Жан Моне дијалогот за измени на Деловникот за работа на Собранието, Џафери информираше дека поради пандемијата, процесот би продолжил во Собранието со учество на претставници од сите политички групи во работната група која би го водела процесот, а европратениците периодично колегијално би биле информирани за тоа како напредува процесот, се додека не се создадат услови за повторно продолжување  со физичко присуство на сите учесници во овој дијалог. Извести и дека продолжува конструктивниот меѓупарламентарен дијалог во рамките на Мешовитиот парламентарен комитет – ЕУ и Република Северна Македонија и дека следниот состанок на далечина е предвиден за крајот на март.

Известителот Кјучук истакна дека резолуцијата за Република Северна Македонија прво ќе се разгледува во Комисијата за надворешна политика а потоа и на пленарна седница во Европскиот парламент. Тој нагласи дека текстот ќе даде реална слика на состојбите и силна порака дека Европската Унија не ја заборава државата и останува посветен партнер за остварување на нашите аспирации за полноправно членство. Во врска со односите со Бугарија, изрази надеж дека по парламентарните избори во Бугарија контактите ќе се интензивираат а како добар пример на билатерална соработка, ја посочи соработката меѓу новинските агенции МИА и БТА, нагласувајќи дека постојат можности и за заеднички проекти и соработка меѓу универзитетите од двете држави и во многу други области. Во однос на Жан Моне дијалогот, известителот Кјучук изрази спремност за оджување на видео состанок за споделување на информации за тоа како напредува процесот во Собранието. На крајот, тој изрази надеж дека веднаш штом дозволат приликите, со претседателот Џафери ќе се сретнат во Европскиот парламент.