Активности

Среда, 17 февруари 2021

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО Н.Е. КУНДУРОС

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Грција во Република Северна Македонија, Н.Е. Русос Кундурос.

Претседателот Џафери, упатувајќи му честитки за именувањето на функцијата и посакувајќи му успех во неговата работа, изрази очекување за продолжување на континуитетот на соработката со Амбасадата во Скопје. Поставувањето на договорната основа за поинтензивна билатерална соработка меѓу двете држави овозможи членство на Република Северна Македонија во НАТО и одлука за отпочнување на преговори за членство во Европската унија. Во тие рамки, зајакната е и институционалната соработка и координацијата во однос на пандемиските предизвици, справувањето со мигрантските текови и заштитата на воздушниот простор. Овие активности ја отсликуваат меѓусебната доверба и претставуваат наш влог кон колективната безбедност на Алијансата, посочи претседателот Џафери. Тој истакна дека, членството во ЕУ претставува наш втор стратешки приоритет, но поради добро познати причини, формално отпочнување на преговорите сеуште нема.

Претседателот Џафери го информираше Амбасадорот за упатената покана до претседателот на грчкиот парламент Константинос Тасулас за остварување директна билатерална посета на Скопје или на Атина, штом условите тоа ќе го дозволат и за упатената покана од претседателот на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Грција Бајрам Кадрија, до неговиот колега Георгиос Влахос за организирање виртуелна средба на групите од двата парламента како прв чекор кон подинамична билатерална соработка во иднина.

Амбасадорот Русос срдечно се заблагодари за реализацијата на средбата и се согласи со констатацијата дека таканаречениот Преспански договор овозможува нова реалност во меѓусебните односи, за кои како што посочи со нетрпение очекува нивно продлабочување во следните години. Членството во НАТО на Република Северна Македонија е приоритет и за Република Грција, а членството во Европската унија се однесува на сите земји од регионот на Западен Балкан. Договорот овозможува интензивирање на соработката на многу полиња, но секако налага и почитување на обврските, нагласи Амбасадорот Русос. Како соседи и како парламентарни демократии, дипломатијата во доменот на парламентарната соработка е особено значајна и истата треба да се негува и унапредува. Тој го увери претседателот Џафери дека ќе ги насочи своите напори за што поскора реализација на средби на највисоко парламентарно ниво со раководството во грчкиот парламент.

Соговорниците беа согласни дека потенцијалите за соработка на поле на економијата, енергетиката, инфраструктурата, образованието и други области од заеднички интерес треба соодветно да се искористат од страна на двете држави.

Click