Активности

Среда, 24 февруари 2021

Средба на заменик-генералниот секретар Милковски со полскиот амбасадор Тицињски

Заменик-генералниот секретар на Собранието, Мики Милковски, оствари средба со полскиот амбасадор Војциех Тицињски.

Милковски го запозна амбасадорот со службата во законодавниот дом, која од годинава стана независна од другата државна администрација, во насока на издигање на Парламентот како независен орган.

Во продолжение, тој информира дека од 2017 година па наваму, Собранието има донесено неколку клучни акти и работи на реализација на стратешките цели. Спомена и дека се работи на осовременување на Собранискиот канал, редизајн на собраниската веб-страница и целокупно техничко усовршување. Исто така, Собранието посветува посебно внимание и на граѓаните, граѓанските организации, како и на неформалните собраниски групи за поддршка на Ромите, младите, ЛГБТИ, лица со попреченост и др.

Полскиот амбасадор, од своја страна, информира дека за разлика од нашиот, нивниот Парламент е дводомен и накусо го запозна соговорникот со историјата на истиот, актуелните случувања и начинот на делување. Од 2019 година е основана посебна Група за соработка со земјите од Западен Балкан, што секако е знак дека постои интерес за овој Регион.

Заменик-генералниот Милковски истакна дека високо се цени поддршката од Полска, а нивните искуства се добродојдени. Во тој контекст, соговорниците беа сложни дека соработката меѓу двете Парламентарни групи треба да се интензивира, па да се отвори пат и за соработка меѓу службите.

На крајот од средбата, амбасадорот Тицињски ја искористи можноста да упати покана за евентуално учество на заинтересирани пратеници на Самитот за дигитализација на Обединетите нации, кој има 16-годишна традиција, а во декември ќе се одржи во полско Катовице.

Click