Активности

Петок, 16 април 2021

Тринаесетта седница на Комисијата за транспорт, врски и екологија

Комисијата за транспорт, врски и екологија на Собранието, на вчерашната 13. седница, како матично работно тело, ги разгледа:

  1. Предлог-законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк - I читање;
  2. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за електронските комуникации - II читање;
  3. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина - I читање;
  4. Предлог-годишната програма за работа и развој на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2021 година;
  5. Предлог-годишниот финансиски план на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2021 година.

На седницата на Комисијата, во својство на претставници на Владата, од Министерството за животна средина и просторно уредување присуствуваа министерот Насер Нуредини и кабинетската советничка Фросина Антоновска, како  и Александар Бајдевски, заменик-министер за информатичко општество и администрација, а во својство на претставник од Агенцијата за цивилно воздухопловство - Раим Бајрами, претседател на Управниот одбор.

- Министерот Нуредини ја нагласи потребата за донесување на Предлог-законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со истите. 

Во дискусијата по Предлог-законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, учествуваа пратениците: Ане Лашкоска, Маја Морачанин, Владо Мисајловски, Вјолца Адеми, Арта Биљали-Зендели, Александар Велјаноски, Бајрам Кадрија, Ненад Коциќ и Здравко Трајанов, додека во дискусијата по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина учествуваа пратениците: Бојан Стојаноски, Мирче Аџиоски и Ненад Коциќ. 

По расправата, Комисијата за транспорт, врски и екологија, со 10 гласа „за“, односно со 6 гласа „за“ и 4 гласа „воздржан“ го усвои следниот Заклучок:

  • Комисијата за транспорт, врски и екологија го разгледа Предлог-законот и оцени дека истиот е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

- Претседателот на Комисијата, Владо Мисајловски, ги извести пратениците дека во определениот рок утврден со Деловникот на Собранието, не се поднесени амандмани по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за електронските комуникации. Комисијата, без дискусија, го проследи истиот на натамошна постапка во Собранието.

- Во продолжение, Мисајловски ги извести членовите на Комисијата дека Владата доставила Мислење по Предлог-годишната програма за работа и развој и Предлог-годишниот финансиски план на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2021 година. Претставникот Раим Бајрами ги образложи, а во дискусијата по истите учествуваше пратеничката Ане Лашкоска. 

Комисијата со по 6, односно 4 гласа „за” и по 3 „против” го усвои предлогот со кој Комисијата му предлага на Собранието да ја донесе Одлуката за давање согласност на овие Предлог-годишни програма и план.

Click