Активности

Вторник, 20 јули 2021

Видео-конференција на претседателите на Комисиите за европски прашања на државите членки на ЕУ - КОСАК

Во рамките на Словенечкото претседателство со Европската Унија, претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Северна Македонија, Арбер Адеми, учествуваше на Видео-конференција на претседателите на парламентарните комисии за европски прашања на земјите членки на ЕУ (КОСАК), што се одржа на 19 јули 2021 година.

Конференцијата беше отворена со поздравни обраќања на Игор Зорчиќ, претседател на Националното собрание на Република Словенија; Марко Погачник, претседател на Комитетот за прашања на ЕУ на Националното собрание и Бојан Кекец, претседател на Комисијата за меѓународни односи и европски прашања на Националниот совет.

Во рамките на првата сесија, на која беа претставени приоритетите на Словенечкото претседателство со Советот на ЕУ, главен говорник беше Анже Логар, министер за надворешни работи на Република Словенија. Тој изјави дека главните приоритети на Словенија за време на претседателството со Советот на ЕУ ќе биде отпорноста на Унијата на кризи, дебата за стратешка автономија на ЕУ и закрепнување на европската економија заснована врз дигиталната и зелена транзиција. Тој истакна дека подеднакво важен приоритет на словенечкото претседателство е и поддршката за Западен Балкан на патот кон европската интеграција.

Во однос на проширувањето, претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Северна Македонија, Арбер Адеми, имаше свое излагање во првата сесија, во кое го потенцираше значењето на процесот на придружување на земјите кандидати за членство во ЕУ, како важен процес за земјите од Западен Балкан, кој е неопходен за стабилност и мир во регионот. Притоа, тој истакна дека придружувањето кон ЕУ е силен мотив и двигател на европските реформи во сите области во регинот. Имено, Адеми ја поздрави искажаната посветеност на словенечкото претседателство кон политиката на проширување на ЕУ и иднината на Западен Балкан во неа.

Во својот настап, Адеми, посочи дека Словенија го презема претседателството на Советот на Европската Унија во исклучително важни времиња за земјите членки на ЕУ, но и за Република Северна Македонија, која очекува да започне преговори за членство во ЕУ. Тој нагласи дека Словенечкото претседателство е реална и остварлива можност за да се реализира долгогодишната посакувана цел - да се донесе одлука за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија.

Адеми истакна дека иако за нас беше разочарувачки што на јунскиот самит на ЕУ повторно не беше донесена одлука за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ, Република Северна Македонија продолжува да работи на реформаската агенда.

Во рамките на втората сесија „Сајбер безбедност во ЕУ - Зајакнување на отпорноста на критичната инфраструктура и сајбер одбрана“, главни говорници беа Тиери Бретон, комесар на ЕУ за внатрешен пазар; Матеј Тонин, министер за одбрана на Република Словенија; Јухан Лепасар, извршен директор на Агенцијата за сајбер безбедност на Унијата и Урош Свете, директор на безбедноста на информациите на администрацијата на Република Словенија.

Тие објаснија дека со развојот на дигитализацијата, сајбер безбедноста стана една од најважните компоненти на глобалната безбедност. Во ЕУ, безбедниот сајбер простор стана клучен градежен елемент на дигиталната и зелена Европа. Високотехнолошките закани стануваат сè повеќе проблематични, предизвикувајќи поголема штета, поради што ЕУ ќе мора да продолжи да одговара на овие предизвици преку механизми и мерки кои се фокусираат на следниве шест клучни области: зголемување на сајбер отпорноста и капацитетот; заштита на критичната инфраструктура; борба против компјутерскиот криминал; поттикнување на сајбер дипломатија; зајакнување на воениот аспект на сајбер одбраната и финансирање на истражувањата и иновациите во областа на сајбер безбедноста. Најавени се измени и дополнувања на две важни директиви кои ја регулираат безбедноста на информацискиот систем, а во областа на сајбер одбраната е најавено формирање на заедничка сајбер единица.

Click