Активности

Вторник, 20 април 2021 година

Видео-средба на претседателот Џафери со Бергман и Броз

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери оствари видео-средба со известувачите од Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа за локална демократија во Северна Македонија, г. Харалд Бергман од Холандија и г. Зденек Броз од Чешката Република. На состанокот присуствуваше и претседателката на Комисијата за локална самоуправа, г-ѓа Ане Лашкоска.  

Известувачите се интересираа за тековната работа на Собранието поврзана со прашањата на локалната самоуправа и во таа насока, претседателот Џафери информираше за Стратегијата за регионален развој 2021-2031, донесена од Собранието на почетокот на април, како плански документ со кој се утврдуваат приоритетите на регионалниот развој во државата и се дефинираат мерките и финансиските средства за нивна реализација. Ги извести дека Собранието ги усвои и измените на Изборниот законик со кој се одложија локалните избори од првата за втората половина на октомври и изрази очекување дека Делегација на Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа ќе ги набљудува локалните избори. 

 

Зборувајќи за улогата на Комисијата за локална самоуправа, г-ѓа Лашкоска нагласи дека сме една од ретките држави која има Министерство за локална самоуправа и сходно на тоа и Комисија и изрази надеж дека, Законот за рамномерен регионален развој усвоен неодамна, ќе придонесе за ревитализација на селата и развој на подрачјата со специфични развојни потреби а со тоа ќе се спречи иселувањето од руралните средини.  

Соговорниците разменија мислења и за фискалната децентрализација, за изворите на финансирање на општините, како и за работата во услови на пандемија. 

Претседателот Џафери нагласи дека и покрај предизвиците со кои се соочуваме поради пандемијата и напорите да се ублажат ефектите врз економијата, посветено се работи на градење на функционален децентрализиран систем, со цел да се подобри квалитетот на јавните услуги и да го забрза економскиот раст и развој. Притоа, тој истакна дека помошта и поддршката од меѓународните партнери е од исклучителна важност.

Конгресот на локалните и регионалните власти е институција на Советот на Европа, одговорна за зајакнување на локалната и регионалната демократија во нејзините 47 земји-членки и за проценка на примената на Европската повелба за локална самоуправа, како клучен меѓународен договор за заштита на правата на локалните и регионалните власти. Последниот извештај за Република Северна Македонија е изготвен во 2012 година. 

Click