Активности

Четврток, 15 јули 2021

Западен Балкан високо на агендата на Словенечкото претседателство

Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања одржаа заедничка седница, на која беше извршена презентација на Програмата и приоритетите за работата на Словенечкото претседателство со Советот на Европската Унија за периодот јули - декември 2021 година, од страна на словенечкиот амбасадор, Н.Е. Милан Предан.

Претседателите на НСЕИ и КЕП, Александар Николовски и Арбер Адеми, изразија задоволство од усогласувањето за заедничка седница и го поздравија претседавањето на Словенија и нејзиното залагање за проширување на ЕУ.

Адеми изрази жалење што сѐ уште сме пред вратите на ЕУ и надеж дека што поскоро ќе започнат преговорите за членство, а во меѓувреме ќе продолжи реформскиот пат и преговорите со Бугарија.

Амбасадорот Предан беше дециден дека проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан останува високо на агендата на Словенечкото претседателство. Во таа насока е и Самитот ЕУ - Западен Балкан, кој ќе се одржи во Брдо во октомври. Тој изрази надеж дека дотогаш ќе се добие јасна слика за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија. „Клучното прашање не е кој е во право во овој спор, туку како да се дојде до решение“, рече Предан. Во овој контекст, додаде дека е потребна политичка волја и прагматизам од двете страни, дека не можат да ветат политичка чуда, но можaт напорна работа, тивка дипломатија, со потпирање на двете страни кои ќе ги потиснат емоциите затоа што е потребна меѓусебна доверба.

Словенечкиот амбасадор ги наведе четирите клучни приоритети за време на шестмесечното претседавањето на Словенија, и тоа: Издржливост, закрепнување и стратешка автономија на ЕУ, вклучително предизвиците на пандемијата, сајбер безбедноста, економско закрепнување, зелена транзиција и дигитална трансформација; Конференција за иднината на Европа; Унија на европски начин на живот, владеење на правото и еднакви критериуми за сите; Кредибилна и безбедна ЕУ.

Во образложувањето на приоритетите, Предан истакна дека овој Регион и нашата земја, како земја транзит за мигрантите е важна за безбедноста на ЕУ. Во однос на Ковид пандемијата, таа укажала на тоа дека ЕУ треба да ја намали зависноста од надворешните производи, како маски и вакцини. Амбасадорот Предан информира дека постои план за економско закрепнување од последиците на пандемијата, посебно областите туризам и култура, како најголеми жртви на пандемијата. Исто така, најави конференции за сајбер безбедноста и за климатските промени, како и две пленарни дебати за иднината на Европа, каде предвидено е да се вклучат и претставници од Западен Балкан, како дел од европската иднина.

Свое обраќање имаше и евроамбасадорот Дејвид Гир, кој искажа поддршка и истакна дека нема друга алтернатива од влезот во Европската Унија и за остварување на таа цел, потребна е заедничка работа за решавање на отворените прашања. „Секој чекор во имплементација на реформите поврзани со ЕУ, е чекор поблизу до Унијата“, рече Гир.

Во своето обраќање, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, истакна дека на патот кон ЕУ пречка е Бугарија и во таа насока го потенцираше максималниот ангажман за решавање на спорот и дека за нас е значајно тоа решение да се базира на европски вредности и добрососедски односи. Битна е константноста на ЕУ во изнаоѓањето на решението која започна од Германија, па преку Португалското претседателство и сега Словенија. Се наоѓаме во срцето на Европа и Регионов е дел коишто ѝ недостига на ЕУ - заклучи Османи.

Пред присутните се обрати и државната секретарка во Секретаријатот за европски прашања, Калина Габер, која изрази задоволство од програмата на Словенечкото претседателство, особено од вклученоста на Западен Балкан, затоа што е важно да се слушне гласот и перцепцијата на овој Регион за иднината на Европа. Таа потенцираше дека заедничка одговорност е да се работи на надминување на пречките, но и дека нема да се отстапи од црвените линии. И покрај тоа што сме предолго во чекалната на ЕУ поради што постои разочараност кај граѓаните, сепак како земја остануваме целосно посветени на зацртаниот пат. Во таа насока го заврши своето обраќање со слоганот на Словенечкото претседателство: „Заедно. Издржлива. Европа.“

 

»»» Стенографски белешки

Click