Понеделник, 22 април 2013 година
Претседателот Вељаноски учествува на Конференција на претседатели на парламенти од земјите на ЕУ
Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, од денеска учествува на Конференција на претседатели на парламенти од земјите на Европската унија, што се одржува во Никозија, Република Кипар. Претседателот Вељаноски на Конференцијата е на покана од претседателот на Претставничкиот дом на Република Кипар, г. Јанакис Л.Омироу.
На дводневната Конференција ќе учествуваат 42 претседатели и потпретседатели на парламенти, како и претседателот и потпретседателот на Европскиот парламент, г. Мартин Шулц и г. Мигуел Ангел Мартинез.
Претседателот Вељаноски ќе се обрати на сесиите на тема „Приближување на граѓаните кон ЕУ“ и „Социјална кохезија во време на ограниченост - што може да сторат националните парламенти“.
Во рамките на Конференцијата, претседателот Вељаноски ќе оствари и билатерални средби со своите колеги, претседатели на парламенти на држави-членки на Европската унија.