Среда, 22 април 2009, Комисија за здравство
Разгледани Предлог законите за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита и Законот за здравствено осигурување
Комисијата за здравство на десеттата седница ги разгледа Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита (прво читање) и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за здравствено осигурување (второ читање).
Донесувањето на Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита претставува прв значаен чекор насочен кон реформата на превентивната здравствена заштита.
Се предлага реформирање на постоечкиот ЈЗУ Републички завод за здравствена заштита во Институт за јавно здравје на Република Македонија, а соодветно на тоа Заводите за здравствена заштита во Центри за јавно здравје. Аналогно на тоа ќе следи донесување на нов закон за јавно здравје.
Воедно, се врши дополнување на одредбата за времено одземање на лиценцата за работа и по основ на правосилна судска пресуда за кривично дело примање на поткуп.
Во однос на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за здравствено осигурување, Комисијата разгледа пет амандмани од кои три беа усвоени, а два не. Со овие амандмани се врши допрецизирање на текстот на одредбата на Законот.
Комисијата за здравство со мнозинство гласови констатираше дека Предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање, додека Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за здравствена осигурување треба да се проследи на натамошна постапка во Собранието на РМ.