Среда, 22 април 2009 година, Комисијата за надворешна политика
Четиринаесетта седница на Комисијата за надворешна политика
Комисијата за надворешна политика ги разгледа Предлогот на законот за ратификација на Договорот меѓу Република Македонија и Република Естонија за одбегнување на двојното одданочување и за заштита од фискална евазија по однос на даноците од доход, како и Предлогот на законот за ратификација на Конвенцијата за заштита на човековите права и достоинството на човечкото суштество во однос на примената на биологијата и медицината, со Дополнителниот протокол за забрана на клонирање на човечки суштества и Дополнителниот протокол за трансплантација на органи и ткива од човечко суштество.
Договорот меѓу Република Македонија и Република Естонија е со цел да се регулира одбегнувањето на двојното одданочување на резидентите од едната, односно другата држава договорничка, по однос на даноците од доход.
Со Договорот се регулира, резидентите од едната држава договорничка да добијат еднаков даночен третман во другата држава.
Соодветно на ова, се регулираат и правата на државите договорнички, во кои случаи која од нив ќе изврши одданочување, како и на која држава и припаѓа правото да изврши наплата на одредена даночна обврска.
Со Предлогот на законот за ратификација на Конвенцијата за заштита на човековите права и достоинството на човечкото суштество во однос на примената на биологијата и медицината, со Дополнителните протоколи, се забрануваат сите форми на дискриминација базирани на генот на човекот, а се дозволува спроведување на генетски тестови само за медицински цели.
Се воспоставуваат правила поврзани со медицинските истражувања, забрана за создавање на човечки ембриони за истражувачки цели, а се воспоставуваат и принципи, според кои за секоја медицинска интервенција, неопходно е да се обезбеди согласност. Се регулира и правото на информирање за здравјето, отстранување на органи и друго.
Комисијата едногласно заклучи да му предложи на Собранието да ги разгледа и усвои двата Предлог закони.