Среда, 08.04.2009 година, Седница на постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот
Годишен извештај за работата на Народниот правобранител за 2008 година
Постојаната анкетна комисија за заштита на слободата и правата на граѓанинот при Собранието на Република Македонија на Седмата седница го разгледа Годишниот извештај за работата на Народниот правобранител за 2008 година и му предложи на Собранието да го усвои. Комисијата смета дека Извештајот е стручно и комплетно изработен и во целост ги прифати препораките на Народниот правобранител како активна мерка за подобрување на општата состојба околу остварувањето на човековите права и слободи во Република Македонија.
Во 2008 година Народниот правобранител постапувал по вкупно 3.701 преставка, што е помалку од минатите години. 2.877 од тие преставки се завршени, а 824 се во работа. Најголем број преставки, 883, биле поднесени во областа на правосудството.
Народниот правобранител на Република Македонија во својот Извештај, меѓу другото, заклучува дека јавната администрација останува нереформирана, недоволно функционална и недостапна за граѓаните, укажува на потребата од донесување на закон за заштита од дискриминација, констатира дека граѓаните и понатаму се соочуваат со потешкотии при остварување на нивните права низ долготрајните судски постапки во сите судски инстанци и дека учениците, посебно децата Роми, се уште се судруваат со проблеми во остварувањето на правото на задолжително и бесплатно средно образование.
Во Програмата за работа на Народниот правобранител за 2009 година во фокусот посебно ќе бидат казнено-поправните установи, полициските постапувања, правосудството, урбанизмот, градбата и животната средина, социјалната сигурност и заштита, пензиско и инвалидско осигурување, здравственото осигурување и заштита, образованието, потрошувачките права и посебно правата на децата и другите ранливи групи.
Комисија за заштита на слободата и правата на граѓанинот при Собранието на Република Македонија едногласно ги усвои предлог-заклучоците за работата на Народниот правобранител за 2008 година и препорача зајакнување на неговата улога во пракса.