Петок, 24 април 2009 година, Комисија за финансирање и буџет
Oсумнаесетта седница на Комисијата за финансирање и буџет
Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на Oсумнаесеттата седница како матично работно тело го разгледа Предлогот на закон за изменување на Законот за Царинска управа (прво читање) и едногласно заклучи дека тој е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.
Со измената на Законот се предлага средствата од надоместоците, како и средствата од закупнината од деловниот и рекламниот простор, наместо да бидат приход на Царинската управа, да бидат приход на Буџетот на Република Македонија.
Основна цел на предложената измена е воведување на централизирана наплата на овие надоместоци заради нивно поедноставно следење во однос на нивната наплата, а со цел за нивна соодветна распределба.
На истата седница, Комисијата не ги усвои Амандманите на член 5 став 1 и на член 5 став 2 по Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување.
Од друга страна, Комисијата ги разгледа и ги усвои Амандманите на член 5 став 1, на член 13 став 1 и на член 14 по Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, поднесени од Законодавно-правната комисија.
Комисијата заклучи дека согласно членот 155 од Деловникот на Собранието на Република Македонија се исполнети условите да се подготви Дополнет предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување.
Комисијата исто така го разгледа и Извештајот на Државната комисија за жалби по јавни набавки за периодот од 26.11.2008 година до 31.03.2009 година.