Среда, 11 април 2012 година
Единаесетта седница на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство
Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на Собранието на Република Македонија, на 11. седница, одржана денеска, како матично работно тело во прво читање ги разгледа:
- Предлог-законот за изменување на Законот за шумска и ловна инспекција;
- Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за квалитетот на земјоделските производи - II читање.
На седницата, во својство на претставници на Владата на Република Македонија, присуствуваа: г. Зоран Коњановски, заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство; г. Јане Новачков, раководител на сектор во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство; г-ѓа Билјана Талеска и г. Зоран Златевски, раководители на одделенија во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Претставникот на Владата, заменик- министерот г. Зоран Коњановски, ја нагласи потребата за донесување на законот, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законот.
Во дискусијата по Предлог-законот за изменување на Законот за шумска и ловна инспекција, учествуваа пратеникот г. Саве Марачков и г. Зоран Златевски, раководител на одделение во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Во однос на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за квалитетот на земјоделските производи - II читање, исполнет е условот за подготовка на дополнет предлог.
Во Дополнетиот предлог е вграден амандманот кој беше усвоен на седниците на матичното работно тело, Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство и на Законодавно правната комисија и тоа:
- Амандманот за менување на член 5 поднесен од пратеникот Ромео Тренов.
На крајот, Комисијата едногласно го усвои следниот Заклучок:
- Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство го разгледа Предлог на законот за изменување на Законот за шумска и ловна инспекција (прво читање); од гледна точка на потребата за донесување на законот, начелата врз кои треба да се заснова законот, основните односи што се уредуваат со законот и начинот на кој се предлага нивното уредување и согласно член 142, став 1 од Деловникот на Собранието на Република Македонија оцени дека Предлог законот е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.