Вторник, 27 август 2013 година
Шеесет и петта седница на Комисијата за транспорт, врски и екологија
Комисијата за транспорт, врски и екологија на Собранието на Република Македонија, на 65. седница, одржана денеска, како матично работно тело, по скратена постапка, го разгледа Предлог-законот за дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај.
На седницата на Комисијата, во својство на предлагачи на Законот, присуствуваа пратениците: г. Ѓорѓи Коџабашиев и г. Владимир Ѓорчев.
Претседателот на Комисијата за транспорт, врски и екологија, г. Реџаиљ Исмаили, ги извести пратениците дека во определениот рок утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, не се поднесени амандмани по Предлог-законот.
Претставникот на предлагачите ја нагласи потребата за донесување на законот, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законот.
Во дискусија учествуваа пратениците: г. Панче Орцев и г. Владимир Ѓорчев.
Пратеникот Ѓорѓи Коџабашиев истакна дека овој Предлог-закон се предлага како барање од граѓаните кои имаат потреба од зголемување на линиите. Претходно е направена анализа и утврдена е потребата од донесување на ваквиот закон.
Пратеникот Владимир Ѓорчев во својата дискусија нагласи дека дневните миграции се очигледни од градот Велес и околината спрема градот Скопје од граѓаните кои работат во Скопје.
По расправата, Комисијата за транспорт, врски и екологија,заклучи овој Предлог-закон да се проследи на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.