Петок, 19 август 2011 година
Втора седница на Комисијата за транспорт, врски и екологија
Комисијата за транспорт, врски и екологија на Собранието на Република Македонија, на втората седницата одржана на 18 август 2011 година, како матично работно тело, ги разгледа:
- Предлог-закон за дополнување на Законот за управување со пакување и отпад од пакување - I читање;
- Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на природата - I читање;
- Предлог-закон за дополнување на Законот за управување со батерии и акомулатори и отпадни батерии и акомулатори - I читање;
- Предлог-закон за дополнување на Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти - I читање.
На седницата на Комисијата во својство на претставник на Владата на Република Македонија присуствуваше г. Абдулаќим Адеми, министер за животна средина и просторно планирање.
Во образложението на Предлог-закон за дополнување на Законот за управување со пакување и отпад од пакување - I читање, Предлог закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на природата - I читање и Предлог закон за дополнување на Законот за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акомулатори - I читање претставникот на Владата ја нагласи потребата за донесување на законите, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законите.
По Предлог-закон за дополнување на Законот за управување со пакување и отпад од пакување - I читање и Предлог закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на природата - I читање зема учество пратеникот г. Панче Орцев.
На крајот Комисијата за транспорт, врски и екологија го усвои следниов Заклучок:
- Комисијата за транспорт, врски и екологија ги разгледа Предлог-закон за дополнување на Законот за управување со пакување и отпад од пакување - I читање, Предлог закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на природата - I читање и Предлог закон за дополнување на Законот за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акомулатори - I читање; од гледна точка на потребата за донесување на законот, начелата врз кои треба да се заснова законот, основните односи што се уредуваат со законот и начинот на кој се предлага нивното уредување и согласно член 142, став 1 од Деловникот на Собранието на Република Македонија оцени дека Предлог-законите се прифатливи и дека треба да се дадат на натамошно читање.
На седницата на Комисијата по Предлог-закон за дополнување на Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти - I читање во својство на претставник на Владата на Република Македонија присуствуваше г. Тахир Хани, заменик министер за транспорт и врски.
Во образложението на Предлог-законот претставникот на Владата ја нагласи потребата за донесување на законот, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законот.
Во дискусија по Предлог законот земаа учество пратениците г. Панче Орцев, г-ѓа Лилјана Затуровска и г. Славе Гошев.
На крајот Комисијата го усвои следниов Заклучок:
- Комисијата за транспорт, врски и екологија го разгледа Предлог-закон за дополнување на Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти - I читање од гледна точка на потребата за донесување на законот, начелата врз кои треба да се заснова законот, основните односи што се уредуваат со законот и начинот на кој се предлага нивното уредување и согласно член 142, став 1 од Деловникот на Собранието на Република Македонија оцени дека Предлог-законот е прифатлив и дека треба да се даде на натамошно читање.
Комисијата не расправаше по Предлог закон за изменување и дополнување на Законот за електронските комуникации - I читање и Статут на Агенцијата за пошти ( I фаза ) бидејќи материјалот беше повлечен од предлагачите.