Понеделник, 14 декември 2009 година, Комисија за еднакви можности на жените и мажите
Јавна расправа на тема „Сексуално и репродуктивно здравје на младите во Република Македонија“
Комисијата за еднакви можности на жените и мажите во соработка со Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување Х.Е.Р.А. денеска организираше јавна расправа на тема „Сексуално и репродуктивно здравје на младите во Република Македонија“.
Свое обраќање, покрај претседателот на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите г-ѓа Лилјана Поповска, имаа и заменик-министерот за здравство на Република Македонија, г.Владо Поповски, кординаторот на програмата Х.Е.Р.А., г. Даниел Калјџиески, националниот координатор на Фондот за население (UNFPA), г-ѓа Татјана Шикоска, координаторот на работната група за изработка на Националната стратегија за сексуално и репродуктивно здравје, г-ѓа Елена Ќосеска, претставникот од Министерството за образование, г. Сашо Додевски, претставникот на Институтот за јавно здравје, претставници од локалните комисии за еднакви можности на жените и мажите од општините, Македонското женско лоби, како и претставници на УНФПА, УНДП, СЗО, УНИЦЕФ, УНИФЕМ, ОБСЕ и Европската Комисија.
На јавната расправа беше расправано на следниве теми:
- Сексуално и репродуктивно здравје на младите во Република Македонија;
- Потребите од институционална подршка на младите на полето на ХИВ/СИДА;
- Програма за акција на Меѓународната конференција за население и развој (ICPD);
- Преглед на постоечка законска регулатива и програмски и стратешките определби во однос на сексуалното и репродуктивно здравје.
Оваа јавна расправа беше можност да се види до каде сме на полето на сексуалното и репродуктивно здравје, да се укаже дека и понатаму треба да се работи на подигнување на свеста на граѓаните и да се има поголема пристапност до здравствените услуги. Присутните ја потенцираа потребата од отворање на посебни сервиси за комуникација со младите и маргиналните групи, воведување на смислено и организирано образование во училиштата и вклучување на сите институции засегнати со овој проблем, со цел намалување на бројот на заболени од сексуално преносливи болести.
Од страна на Министерството за здравство истакнаа дека е во тек изготвување на Националната стратегија за сексуално и репродуктивно здравје.